Достапни линкови

Обама бара акција против глобалното даночно затајување


Обама бара акција против глобалното даночно затајување
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:50 0:00

Обама бара акција против глобалното даночно затајување

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека масовното протекување податоци, односно аферата наречена „Панамски документи“ е доказ дека светските лидери мора да направат повеќе во борбата против затајувањето данок. Тој побара од Конгресот мерки кои ќе го спречат таквото дејствување во Соединетите Држави.

Во своето прво реагирање на аферата, Барак Обама рече дека лидерите постигнале извесен напредок во затворањето на меѓународните операции за избегнување на плаќањето данок, но оти тоа не било доволно.

„Многу работи се легални, но токму во тоа е проблемот“, оцени Обама, додавајќи:

„Кога компаниите ги користат дупките како оваа, тоа го отежнува инвестирањето во работи што ја одржуваат американската економија силна за идните генерации“, рече тој.

Обама оцени дека „Панамските документи“ во кои се откриваат финансиски аранжмани на политичари и јавни личности, вклучувајќи, меѓу другите, и пријатели на рускиот претседател Владимир Путин, го потенцира овој глобален проблем:

Секогаш ќе има недозволено движење на средства во светот, но ние не треба тоа да го олеснуваме и законски да го овозможуваме избегнувањето на плаќањето даноци.
Барак Обама, претседател на САД

„Секогаш ќе има недозволено движење на средства во светот, но ние не треба тоа да го олеснуваме и законски да го овозможуваме избегнувањето на плаќањето даноци“, изјави Обама, барајќи акција од американскиот Конгрес во таа насока.

Во исто време американското Министерство за правда соопшти дека ги разгледува Панамските документи, барајќи докази за корупција и кршење на американските закони.

Министерството ги зголеми и трошоците за истраги во врска со странски коруптивни дејствувања, вклучувајќи и вработување повеќе агенти и обвинители.

Исто така е најавена програма и за, како што се наведува, „охрабрување на компаниите сами да известуваат“ за евентуални кршења на законите кои се однесуваат на спречување на корупцијата.

Заострени прописи побараа и други светски државници.

Германскиот канцелар Ангела Меркел по објавувањето на илјадници имиња на луѓе кои оф-шор финансиските активности ги воделе преку адвокатската фирма од Панама повика на поголема транспарентност.

Генералниот секретар на Организацијата за економска соработка и развој, Ангел Гурија, пак, оцени дека сегашната исклучителна ситуација би требало да се искористи за построго применување на меѓународните спогодби за јавноста на финансиските трансакции.

„Ова е можност агресивно да се тргне напред и да се утврди како се движат овие нелегални финансиски текови“, рече претседателот на Светската банка Џим Јонг Ким.

Многу земји во светот покренаа истрага поврзана со документите од Панама со цел да се утврди дали навистина нивните моќни и богати граѓани го избегнувале плаќањето даноци.

Повеќето од луѓето кои фигурираат во документите ги отфрлија обвинувањата дека дејствувале против законот.

Тоа го стори и исландскиот премиер Сигмунд Давид Гунлаугсон, но сепак по притисокот од јавноста, откако протекоа документи кои покажуваат дека неговата сопруга поседува оф-шор фирма со големи побарувања од исландските пропаднати банки, се повлече од функцијата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG