„Верувам дека целта утврдена од Министерството за одбрана и вооружените сили, во голем дел е исполнета и затоа јас му наредив на министерот за одбрана, од утре да почне повлекување на главниот дел од нашите воени групации од Сирија“.
Ова го изјави Владимир Путин на вчерашниот состанок во Кремљ со министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
Портпаролот на Кремљ Дмитри Песков соопшти дека Путин му телефонирал на сирискиот претседател Асад за да го информира за руската одлука.
До овој потег дојде на денот кога во Женева почна нова рунда на мировните преговори за Сирија под посредство на Обединетите нации.
Путин исто така наредил интензивирање на руските дипломатски напори за постигнување договор за крај на војната во Сирија.
Благодарение на руското воено ангажирање, сириските воени и патриотски сили постигнаа темелен пресврт во борбата против меѓународниот тероризам и преземаа иницијатива во речиси сите фронтови за да се создадат услови, како што веќе реков, за почеток на мировниот процес.Владимир Путин, претседател на Русија
Во петгодишниот конфликт загинаа над 270 илјади луѓе додека неколку милиони беа присилени да ги напуштат домовите и да бараат засолниште, голем дел од нив и во Европа.
Според Путин, руската воена интервенција помогнала во дипломатските напори.
„Благодарение на руското воено ангажирање, сириските воени и патриотски сили постигнаа темелен пресврт во борбата против меѓународниот тероризам и преземаа иницијатива во речиси сите фронтови за да се создадат услови, како што веќе реков, за почеток на мировниот процес“, рече Путин.
Сепак, тој сигнализираше дека Москва ќе го задржи военото присуство. Тој не прецизира рок до кога би завршило повлекувањето, додавајќи дека руските сили ќе останат во пристаништето Тартус и во воздухопловната база во Латакија, од каде што Русија го врши поголемиот дел од воздушните напади.
Затоа, според посматрачите, останува нејасно дали одлуката значи и крај на воздушните напади во Сирија.
Сириската опозиција претпазливо го поздрави рускиот потег.
„Доколку повлекувањето биде сериозно, тогаш тоа ќе им даде позитивен импулс на мировните преговори“, изјави Салим ал Мулат, портпарол на опозицискиот Висок комитет за преговори.
Најновиот руски потег како позитивен развој беше поздравен и од сите 15 членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, како и од министрите за надворешни работи на Британија и на Германија Филип Хамонд и Франк Валтер Штајнмаер.
Белата куќа соопшти дека претседателите Барак Обама и Владимир Путин телефонски разговарале за руското делумно повлекување како и за наредните потези неопходни за целосен прекин на непријателствата во Сирија.
Токму и тоа е една од целите на женевските преговори. „Мајка на сите прашања е политичката транзиција во Сирија“, оцени во Женева специјалниот пратеник на ОН за Сирија Стафан де Мистура.