Достапни линкови

Граѓанскиот сектор бара учество на преговорите


Барање за учество на граѓанскиот сектор во преговорите за излез од политичката криза упатија 88 организации. Барањето го испратија до четирите најголеми политички партии и до амбасадите на САД и на ЕУ во земјава.

Директно учество на граѓанскиот сектор во преговорите за излез од политичката криза бараат 88 организации, иницијативи, групи, движења и синдикати. Тие своето барање денеска го упатија и до делегацијата на ЕУ, амбасадата на САД и четирите најголеми политички партии вклучени во преговорите.

Сања Богатиновска, во име на сите оние кои го упатија барањето, рече дека веќе 18 месеци трае интензивната фаза од политичката криза во Македонија, а исто толку и напорите за нејзино решавање кои дале само делумен резултат. Според неа, граѓаните се незадоволни од нетранспарентноста на преговорите и неможноста да се вклучат и да помогнат во процесот.

„Наша цел е овој преговарачки процес да обезбеди услови за фер и кредибилни избори во кои граѓаните ќе имаат доверба и ќе бидат поттикнати да учествуваат и слободно да ја изразат својата политичка волја. Веруваме дека е можно, во рамките на овој процес да се обезбеди континуирано информирање на граѓаните за начинот и содржината на разговорите и преговорите“, вели Богатиновска.

Нивниот модел подразбира присуство на различни претставници на граѓанскиот сектор кои ќе бидат директни набљудувачи и консултанти во преговорите. Со тоа, како што истакнаа, преговорите веќе нема да бидат тајни, бидејќи не може да се решава за судбината на граѓаните, а тие да не знаат какви одлуки се носат. Според Петрит Сарачини, тие не доставиле рок до инволвираните страни во преговорите за исполнување на нивното барање.

„Конкретен рок за ова барање нема. Но, што побрзо, тоа подобро. Рокот е вчера затоа што овој процес веќе трае предолго“, вели тој.

Протестното движење и Шарената револуција, како што додава Сарачини, ќе продолжат да функционираат во најразлични форми на граѓански притисок.

„Тоа не значи дека протестите ќе мируваат. Не значи и дека протести ќе има секој ден. Ние по 20 јуни покажавме дека сепак имаме сила, начини и можности како да дејствуваме и како оваа битка на граѓаните да ја одржуваме жива. Оваа битка не е на опозицијата, ниту битка на власта. Ова е битка на граѓаните на Република Македонија. Доколку оваа битка не ја добиеме, ние сериозно ризикуваме да ја загубиме државата. Државата не е ниту на ВМРО, ниту на СДСМ, ДУИ и ДПА, туку е на граѓаните на Република Македонија“, рече тој.

Едно од барањата на Шарената револуција е токму вклучување во преговорите. На последните протести полициски кордон не им дозволи на демонстрантите да пристапат до зградата на Уставниот суд. Тие уште еднаш го повторија барањето Уставниот суд да се изјасни за уставноста на СЈО.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG