Достапни линкови

Нуланд охрабрена од македонските политичари


Нуланд охрабрена од македонските политичари
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:35 0:00

Нуланд охрабрена од македонските политичари

Почувствував дека сите четири лидери сакаат договор во наредните денови и има добри идеи како да стигнат до него. Значи, заминувам охрабрена, рече американската дипломатка Викторија Нуланд по средбите со политичките лидери во земјава.

Помошник-државната секретарка на САД за европски и за евроазиски прашања, Викторија Нуланд, заминува охрабрена по средбата со политичките лидери во земјава. Таа се надева дека во наредните денови ќе се случи компромис и Македонија ќе излезе од политичката криза.

„Очигледно е дека е постигнат одреден прогрес во имплементацијата на Пржинскиот договор, но сега е моментот да се заврши работата и Македонија да се постави на курсот за слободни и фер избори. Ова е процес во тек, партиите сè уште разговараат, но јас сум охрабрена. Почувствував дека сите четири лидери сакаат договор во наредните денови и има добри идеи како да стигнат до него. Значи, заминувам охрабрена“, рече Нуланд во изјава за новинарите.

Таа потенцираше дека САД ќе ги поддржат напорите на Македонија да се врати на вистинскиот пат кон евроатланските интеграции и дека сè ќе заврши со избори како што предвидува Пржинскиот договор. Рече дека извесен напредок е постигнат, една година по финализирањето на договорот во Пржино на кој и таа присуствуваше, но дека работата треба да се заврши. Нуланд се сретна и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим и нагласи дека работата на СЈО е од исклучителна важност за функционирањето на правниот систем и владеењето на правото.

„Тоа е нешто што е апсолутно неопходно за Македонија да ги постигне своите евроатлантски цели, да ја постигне својата цел да стане членка на ЕУ и НАТО, за што ја има долгорочната поддршка од Соединетите Држави“, изјави Нуланд.

Не го прецизираше нејзиниот став за формирање на специјално одделение во Кривичниот суд во рамките на кое ќе се процесуираат предметите на СЈО, но рече дека околу тоа има неколку добри идеи на маса.

Со реакции по средбите се јавија и политичките партии. На средбата со делегацијата на СДСМ, предводена од претседателот Зоран Заев, било истакнато дека ова е клучен период за постигнување договор за неопходните услови за фер и регуларни избори, нагласувајќи ги избирачкиот список и медиумите. Од опозициската партија соопштија и дека заеднички била констатирана можноста за одржување на предвремените парламентарни избори во текот на месец ноември.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како што соопштија од партијата, пак, посочил дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за избори, но дека за тие да се случат, потребно било обврзување од опозицијата дека сите услови за избори се исполнети.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, како што соопштија по средбата, ја информирал Нуланд за предлозите на партијата за чистење на Избирачкиот список и за медиумите, како и за потребата двете страни да се договорат дека се исполнети условите за избори, а потоа да се одреди датум за предвремени избори, соопшти ДУИ.

Првиот човек на ДПА Мендух Тачи по средбата рече дека сега бил моментумот да се прекине политичката криза и да се договори датум за избори и дека сега сите заедно треба да работат на тоа.

Нуланд, покрај со партиските лидери, се сретна и со специјалната обвинителка Катица Јанева и со претставници на невладиниот сектор.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG