Се чини дека со германско-американските оптимистички изјави што ги дадоа Хајндл и Нуланд по средбите со четворицата партиски лидери сакаа да внесат малку надеж дека политичката криза може ќе има позитивна разрешница. „Нуланд најави договор наредните денови“ - објави Утрински, а Нова Македонија во насловот ја цитираше Американката дека „Видела светло во тунелот“. Вечер наслови: „Оптимизмот по заминувањето на Нуланд ги помести преговорите“, но и поставува прашање: „Дали е нормално да има избори во ноември и после уште едни во март?“ Слободен печат оди со сигурен датум: „Најверојатно ќе бидат на 6 ноември“. Утрински појаснува дека „Засилените преговори меѓу партиите се во функција на обезбедување избори во скоро време“.
Инаку Нуланд имаше средба и со Јанева, за што Утрински наведе: „Куса, но ефективна средба меѓу Нуланд и Јанева“. Слободен печат забележува дека „Јамката се стега, на СЈО ќе му се придружат специјален суд и полиција – Нуланд изгледа сепак извадила некакви адути од ракав“.
Но, Никола Груевски изјави дека „Предлозите за специјални одделенија се неприфатливи и се надвор од Пржинскиот договор“ - објави Дневник.
Во врска со обновените меѓупартиски договори, истиот весник наслови: „Преговорите во Пржино бавно напредуваат – две варијанти за бришење гласачи, СДСМ ќе избира уредник во МТВ?“ Утрински информира: „На пржинската маса – топло-ладно“, но пишува и дека преговарачките тимови на последната средба во средата попладне преговарале околу две точки – ад-хок регулаторното тело и за ингеренциите на министрите во преодната влада.
Еве уште за што информираа печатените медиуми во изминатата недела: Нова Македонија - „Стопанственици реагираа на издавањето на еврообврзницата“; Утрински - „Поканата за НАТО повторена, ама обременета и со кризата“; Дневник со поинаков наслов - „НАТО го повтори условот – членство штом ќе се најде решение за спорот со името“; Утрински - „Институциите молчат на повици на насилство“, а во врска со заканите на Миленко Неделковски на својот фејсбук-профил дека „американската амбасада пак ќе гори“; Вечер - „И покрај забраната за капење, Дојран врие од луѓе“; Утрински - „Тодоров: Водата во Дојранското Езеро е исправна за капење“. Како по обичај, ќе излезе дека во државава секој си работи по свои прописи – министерот вели дека ЕУ имала нов правилник за исправност на водата, Државниот инспекторат дека работат според постојните нормативи. Затоа, Слободен печат има убав наслов: „Во ек сезоната на дојрански глупирања“.