Достапни линкови

Граѓанска акција за важноста на изборите


Граѓанска акција за изборите - Ние одлучуваме
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:29 0:00

Граѓанска акција за изборите - Ние одлучуваме

Околу 20 организации учестуваат во граѓанската акција „Ние одлучуваме“, која има за цел да ги информира граѓаните за сите аспекти од изборите закажани за 11 декември.

„Бараме промени. Можеме подобро. Ние одлучуваме“. Со оваа парола започна граѓанската акција која, како што соопштија, има за цел да ги информира, мотивира и охрабри граѓаните да учествуваат во предвремените парламентарни избори на 11 декември, но и да ги регистрира злоупотребите на јавните ресурси и институции за изборни цели, како и заканите и заплашувањата кон граѓаните за остварување на избирачкото право.

„Единствена цел на оваа акција е да се потенцира важноста на предвремените парламентарни избори на 11 декември и да се настапи одговорно во овој решавачки момент за Македонија и за сите нас како граѓани“, рече Ирена Стеријовска, граѓански активист.

Стеријовска дададе и дека во рамки на акцијата граѓаните ќе бидат потсетени за состојбите во здравството, образованието, невработеноста, животната средина и други области.

Активистот Драган Додевски во своето обраќање истакна дека ги охрабруваат сите граѓани да ја користат бесплатната сос линија и да пријават било какви повреди на гласачкото право.

„Никој нема право да ги прашува граѓаните за кого гласале, ниту пак тие имаат обврска да кажат како гласале. Изборните притисоци и злоупотреби се кривични дела и треба да бидат пријавени како и сите други кривични дела“, истакна Додевски.

Тој додаде и дека ќе бидат следени вработувањата, буџетските плаќања и користењето на други државни ресурси во партиски цели во текот на кампањата. Според Додевски, ќе биде следено и финансирањето на политичките партии и на изборната кампања во медиумите, како и содржината на информативната програма на МРТВ.

Младите се најзасегнати од политиката, а најмалку заинтересирани за гласање, потенцира активистот Љуми Бекири.

„Ние веруваме дека во Македонија постои перспектива и дека подобра Македонија е можна исклучиво доколку младите повеќе се ангажираат зошто политиката им припаѓа ним и на граѓаните, а не само на политичарите. Ние навистина можеме подобро, но исклучиво со гласот и ангажманот на младите. Ние знаеме дека на овие избори ќе одлучува гласот на младите и затоа ги мотивираме да преземат акција да се заинтересираат за политичката понуда, да ја вреднуваат и критикуваат и да гласаат по свое“, порача Бекири.

Во граѓанската акција учествуваат околу 20 невладини организации, а акцијата ќе се спроведува низ целата територија на Македонија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG