Достапни линкови

Изборите во Македонија - тест за азиска или европска демократија


Поддржувач на владејачката ВМРО-ДПМНЕ со маица со ликот на рускиот претседател Владимир Путин на митинг за поддршка на владата во Скопје на 18 мај 2015 година
Поддржувач на владејачката ВМРО-ДПМНЕ со маица со ликот на рускиот претседател Владимир Путин на митинг за поддршка на владата во Скопје на 18 мај 2015 година

Во Македонија постои консензус меѓу политичките елити дека местото на земјава е во ЕУ и во НАТО, но кога од таму доаѓаат критики, власта или луѓе блиски до неа почнуваат да кокетираат со Русија - повеќе од практични, отколку од идеолошки причини.

Црногорските гласачи деновиве се соочија со избор кој им го наметнаа политичките партии пред гласањето за парламентот: да продолжат на прозападниот курс до членство во НАТО и ЕУ или да му се вратат на својот традиционален сојузник, Русија. Според аналитичарите, станува збор за најзначајните избори по гласањето за независност од Србија пред една деценија.

Гоце Атанасов

Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ гласањето го претстави како избор меѓу продолжувањето на западната интеграција под неговата Демократска партија на социјалистите или земјата ќе стане „руска колонија“ под опозицијата.

„Не избираме само власт, туку и начин на живот. Сакаме стабилна, просперитетна и европска Црна Гора, која е пријател и партнер на развиените светски и европски држави, или земја на заостанатост, нетолеранција, насилство и безнадежност. Сакаме ли да бидеме дел од развиеното европско друштво или руска колонија на Балканот“, рече тој.

Според Ѓукановиќ, Русија истурила пари во предизборната кампања во обид да го попречи прогресот на Црна Гора во приклучувањето во НАТО. Ѓукановиќ, кој ја води Црна Гора како претседател или премиер над 25 години, се соочи со досега најтешкиот изборен предизвик од опозициските партии кои го обвинуваат за протекција и за третирање на земјата како личен феудален посед. Тој, пак, обвини дека Русија ангажирала сериозен финансиски потенцијал, преку олигарси и тајни канали од Србија и Република Српска. Москва и опозициските партии ги демантираа ваквите обвинувања, наведувајќи дека Ѓукановиќ користел тактика на застрашување за да остане на власт. Опозицијата соопшти дека неговите вообичаени обвинувања за финансирање од Русија се димна завеса за да ги скрие протекционизмот и организираниот криминал.

Небојша Медојевиќ, член на Демократскиот фронт, го обвини Ѓукановиќ дека своевремено бил најголем поборник на интересите на Москва на Балканот.

„Руските интереси и влијание влегоа во Црна Гора за време на владеењето на Ѓукановиќ. Во 2005 година тој тесно комуницираше со руските функционери, руската мафија и руските разузнавачки структури“, изјави Медојевиќ.

До неодамна Црна Гора ѝ беше верен сојузник на Русија, но по разделбата од Србија во 2006 година земјата се сврте кон евроинтеграциите. Русија силно се противи на експанзијата на НАТО во поранешните комунистички земји за кои смета дека се дел од нејзините стратегиски интереси. Руски компании имаат инвестирано милиони во Црна Гора, која исто така стана атрактивна руска туристичка дестинација. Русите купуваат имоти на брегот на Јадранско Море, а се претпоставува дека над 10 илјади Руси станале црногорски државјани.

Изборите на Балканот, избор меѓу Русија и Западот?
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:29 0:00

Триесет и три годишниот учител Никола Поповиќ се надева дека членството во НАТО ќе донесе поголеми странски инвестиции.

„Во културна смисла ние повеќе ѝ припаѓаме на ЕУ отколку на Русија, иако имаме посилни етнички врски со рускиот народ. Дојде време да одиме на Запад“, вели тој.

Анкетите покажуваат дека повеќето од Црногорците го поддржуваат членството во ЕУ, но само помалку од 40 отсто се и за НАТО.

Воислав Грујовиќ, 50-годишен крупен физички работник, вели:

„Овој пат гласав без да се грижам, бидејќи сите ветуваат подобар живот и просперитет. Тогаш не можеш да згрешиш кој и да го гласаш“, вели тој.

ЕУ и САД сметаат дека евроинтеграцијата е најдобар начин за да се одржи мирот во регионот кој беше зафатен со војни во последната декада од минатиот век.

Во Македонија нема дилема меѓу Западот и Русија

Дали гласањето во декември ќе биде избор меѓу поблиски односи со Западот или со Русија? Ова прашање во Македонија се отвори по изборите во Црна Гора, каде јасно се виде дека руското влијание е сè повеќе изразено, иако државата чекори кон полноправно членство во НАТО. Актуелната дилема кај нас се наметна и по евидентното руско присуство, првенствено во економијата, но експертите нагласуваат дека не е сè така црно-бело и оти односите, кои дури како шега ги поставуваме дали си за Америка или Русија од геополитички аспект се веќе надминати.

Поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин, вели дека денес ниту Американците, ниту Русите не се интересираат за Балканот како некое геополитичко владеење, туку повеќе како едно економско владеење. Цитирајќи го еден од најголемите американски геостратези со полско потекло Збигњев Бжежински, кој рекол дека Балканот му треба за продор кон Касписко Море, а Путин кој кажа дека Балканот му е неопходен за да поминаат гасоводот и нафтоводите кои водат кон Западна Европа, Ружин вели проблемот во Македонија е на друго ниво, а тоа е дали сме за вид азиска или за европска демократија.

„Дали сме за општество во кое има владеење на правото, за поделба на власта, за слободни медиуми или сме за систем кој што, за жал, се идентификува со рускиот политички систем, односно невладеење на правото, нема поделба на власта, зависно судство нема слобода на медиумите и во таа насока јас го гледам ова референдумско изјаснување на граѓаните во декември како еден вид избор меѓу демократскиот модел во САД или ЕУ, кој значи отворање кон светот или еден вид затворање кој ќе биде инспириран од политичкиот систем на авторитарната демократија, односно демократија која и не може да го носи името демократија туку автократија“, вели Ружин.

Автократи објаснуваат што е демократија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:23 0:00

И покрај тоа што владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ ја промовира НАТО агендата како стратешка цел, сомнеж дека се движиме во погрешна насока и дека има проруско влијание во земјава отвораат суптилните пораки кои ги испраќа врвот на партијата на партиските митинзи. Јавноста можеше да види обединети руски и македонски знамиња на партиски собир. Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко беше лик на некои од предизборните кампањи на партијата. Во прилог на тврдењата дека владата има скриени симпатии и релации со Русија е изградбата на руска црква и пропагандните коментари кои може да се сретнат во дел од медиумите.

Ружин посочува дека Владата на овој начин ги затскрива сите грешки, меѓукои криминалот и корупцијата, проблематичната состојба во судството и немањето слобода на медиумите, кои беа нотирани во извештајот на Прибе и од други меѓународни организации кои имаат проевропска и про-НАТО агенда.

„Дел од романтичарско расположената ВМРО-ДПМНЕ сонува за некое православие, панправославинизам итн., којшто, рака на срце, не покажува некој поголем интерес за состојбите на демократијата во Македонија, за состојбите на очајното правосудство, туку целокупната тенденција за ремонт на судството, на демократијата и на државата доаѓаат од Запад и затоа како револт на тие што треба да ги исправат грешките, криминалот, корупцијата, популизмот, практично доаѓа како критика од САД и ЕУ, односно како стандарди кои секоја власт која има амбиција да стане членка на НАТО и ЕУ мора да ги респектира и да ги имплементира“, вели Ружин.

Инаку официјална Москва во неколку наврати отворено искажа интерес за случувањата во земјава. Имаше реакција на руското Министерството за надворешни работи за вооружениот инцидент во Диво Насеље, а остана запаметена и јавната подршка што ја даде Путин, кога посочи дека Русија е свесна за тешкотиите со кои се соочува лидерството на земјата, мислејќи на политичката криза која веќе долго време ги обременува граѓаните. Но, универзитетскиот професор и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин, сепак со анализа дека во прашање е реторика, нагласувајќи дека добрите односи со Русија повеќе се на економски, а не на политички план, како што некои сакаат да прикажат.

„За Русија е битно Македонија да не стане членка на НАТО, битно е да се одржи солидарност по православна основа, иако Русите никогаш не кажале - Ние сме за панславизам или за нешто слично, но сепак постои како геоекономска ориентација“, вели Ружин.

Првиот интерес на Русија за Балканот недвосмислено беше покажан во 2007 година кога се отвори прашањето на гасоводот кој требаше да поминува низ стратешкиот коридор со траса низ Србија, евентуално Македонија, Хрватска и Словенија, сè до Западна Европа.

Исмет Рамадани од Евроатлантскиот совет посочува дека не може да се поистоветува состојбата со Црна Гора и во Македонија, зошто кај нас еден од клучните фактори во носењето одлуки се албанските партии кои се составен дел од секоја владејачка коалиција, а нивен интерес недвосмислено е евроатланската агенда.

„Поинаква е ситуацијата во Македонија, зошто тие што се проруски ориентирани мора да внимаваат на факторот Албанци. Партиите на Албанците треба да се изјаснат јасно дека нема да коалицираат со такви партии. Таа опција е погубна и за прогресивните Македонци и за Албанците. Битката на овие избори ќе биде и од стратешки аспект за декларираната опција на Македонија - членство во НАТО и ЕУ“, вели Рамадани.

Универзитетскиот професор, кој беше и кандидат на СДСМ за претседател на државата, Стево Пендаровски, вели дека владините партии нема да бидат транспарентни за нивниот курс дали ќе продолжи да се движи прозападно или ќе се сврти кон Русија, но сепак ова прашање ќе се провлекува на маргините од политичката дебата. Тој посочува дека ќе постапуваат на овој начин, затоа што клучните институции со кои тие имаат проблем, а пред сè СЈО се направени од западната алијанса каде што Македонија треба да се приклучи во перспектива. Според него, владината партија се додворува на Москва, но исклучиво наменски, а не од идеолошки причини.

„Во недостаток на подобра алтернатива, тие се вртат кон Москва во некои моменти и кон Кина, кон кој бил трет само, не кон западните држави и институции, бидејки од кај нив се испорачуваат услови ако сакаме да се приклучиме на тие клубови. Од истокот не доаѓаат никакви предуслови за соработка. Значи притиснати од реалноста која се нарекува СЈО тие сега неформално и не мала варта на маргините на политичката дебата последните година – две, почнуваат да зборуваат или експерти блиски до нив почнуваат да зборуваат за источните алтернативи“, вели Пендаровски.

Тој вели дека владината партија не игра со отворени карти и води пропаганда во која официјално се бара членство во ЕУ и НАТО. Сведоци сме на обиди и постапки со кои таа се обидува да ги освои симпатиите на Западот, но во исто време се надева дека за внатрешната политичка криза ќе посредува Руската Федерација или некој трет влијателен фактор.

„Во изминатите месеци, нејзиниот претседател упорно лобира во западните центри на моќ, знаејќи дека од таму доаѓа опасноста по него, оти постојат институции кои ќе бараат одговорност од него и оние кои владееја со Македонија во изминатите 10 години. Бараат помош од западните институции, а на своите приврзаници, а особено низ медиумите кои ги контролираат им кажуваат дека западот не е наклонет кон ова власт и единствен спас е истокот оти наводно тамошните власти имаат покоректни односи кон владата на Македонија“, вели тој.

За Пендаровски паѓа во очи дека за прв пат од независноста официјална Москва впери прст во опозицијата и Шарената револуција, обвинувајќи дека тоа се луѓе кои се менаџирани од западните центри на моќ, но тој не очекува таквите изјави да имаат поголемо влијание врз претстојните избори.

„Објективно тој притисок или мешања во внатрешните работи на Македонија немаат таква тежина како на изборите во Црна Гора каде има крупно присуство на рускиот капитал кој може да влијае дури и врз политичките текови. Црна Гора е објективно неспоредливо побитна во стратешка смисла поради својот излез на море“, вели Пендаровски.

Малинка Ристeвска - Jорданова од Институтот за Европски политики вели дека ситуацијата во Црна Гора и Македонија не треба да се споредуваат, бидејки таму е јасна поделбата на проруска и проевропска опција, додека кај нас има двојство на пораки кои никогаш не се изведоа на чистина за да може да кажеме дека има проруска определба.

„Поделбата во Црна Гора е многу јасна, а и нивото на инвестиции и соработка е поразлично. Во Македонија, иако има кокетирање со други опции, реално немаме покажано приближување кое освен на ниво на одредени изјави кои понекогаш се двосмислени не се покажува на друг начин“, вели Ристевска - Јорданова.

Таа вели дека сепак ова кокетирање не е добро за надворешната политика на земјата и оти мора конечно да се демистифицираат затскриените пораки што се праќаат во јавноста и понатаму да имаме стратешки јасна надворешна политика.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG