Членството во НАТО останува основна определба на најголемите македонски партии, по иницијативата на руската владејачката партија Единствена Русија, која се залага за создавање воено неутрална територија на Балканот. Декларацијата за соработка со партијата на Путин ја потпишале претставници на политичките партии од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија и Бугарија. Потписничка од Македонија е Демократската партија на Србите на Иван Стоиљковиќ, која е дел од владејачката коалиција.
Во најголемата владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека ниту биле информирани, ниту потпишале таква декларација.
„ВМРО-ДПМНЕ во својата програма има јасно искажан став во којшто наша основна определба е членството во НАТО и во ЕУ“, велат во владејачката партија.
Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, вели дека тие ја почитуваат волјата на граѓаните и се еден од главните промотори на евро-атлантските интеграции.
„Република Македонија веќе се има стекнато со кандидатски статус за ЕУ и има отворена покана за членство во НАТО по надминувањето на спорот за името. Оттука сметаме дека ваквата иницијатива од стратешка гледна точка за Република Македонија може да значи исклучиво уназадување на нејзините позиции“, вели Шилегов.
Партиите на Албанците во Македонија, пак, исто така постојано нагласуваат дека евроатлантските интеграции се стратешки приоритет.
Универзитетскиот професор Димитар Мирчев вели дека се работи за интересна иницијатива која вреди детално да се разгледа. Тоа е трајна политика на Руската Федерација и можеби и на овој начин сакаат да пробијат со своите интереси на Балканот, но треба да се проучи пред да се дадат конечни оценки за тоа, вели Мирчев.
„Мое мислење е дека воената неутрализација на Балканот е добра иницијатива и дека дури и НАТО не би се противел многу на тоа. Се разбира, нашата ориентација останува приклучување на ЕУ и на НАТО, меѓутоа секоја таква иницијатива е добредојдена е треба подетално да се разгледа“, вели Мирчев.
Последната анкета на американскиот Меѓународен републикански институт, спроведена кон крајот на април годинава, покажува дека поддршката за членство во ЕУ и во НАТО се намалува во последните неколку години. Во април 2008 година, дури 96 отсто од македонските граѓани сакале земјава да влезе во ЕУ, а само три отсто биле против, додека во април годинава, процентот на граѓани кои сакаат во ЕУ паднал на 71 отсто, додека бројот на оние што не сакаат пораснал на 23 отсто. Слична е ситуацијата и со желбите за членство во НАТО. Бројот на поддржувачи се намалил од 92 на 73 отсто во изминатите осум години, а бројот на противници пораснал од 5 на 20 отсто.
Анкетата исто така покажува дека 22 проценти од граѓаните сметаат дека ЕУ најмногу им помага на македонските национални интереси, но 12 отсто сметаат дека тоа е Турција, а 11 отсто дека тоа е Русија. Десет проценти од граѓаните одговориле дека САД најмногу им помагаат на македонските национални интереси.