Достапни линкови

Груевски им се додворува на партиите на Албанците


Архивска фотографија - Прослава на 10 годишнината од основањето на ДУИ, 2012.
Архивска фотографија - Прослава на 10 годишнината од основањето на ДУИ, 2012.

В понеделник истекува уставниот рок до кој Претседателот треба да го даде мандатот за формирање влада. Партиите молчат за тоа дали преговараат и со кого, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ги истакнува позитивните проекти за Албанците кои ги направиле досега.

Сите страни официјално молчат за преговорите за формирање влада. Последниот уставен рок до кој претседателот Ѓорге Иванов треба да го даде мандатот истекува в понеделник, а од неговиот Кабинет нема никакви информации дали ќе го чека тој последен термин. Од СДСМ одговараат исто, дека засега имаат само редовни контакти со повеќе партии. Од ДУИ, кои со десетте пратеници се клучни за формирањето на мнозинство, тврдат дека се уште не преговараат со никого, а од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на изјавата дека од кога ќе го добијат мандатот ќе започнат преговори и ќе вложат максимални напори за да формираат влада.

Претседателот на партијата Никола Груевски, пак, во продолжението на интервјуто за Република, во голем дел зборува токму за нивниот однос кон Албанците. Тој нагласува дека во време на ВМРО-ДПМНЕ се донесе Закон за употребата на јазиците, а ги споменува и Законот за амнестија, Законот за употреба на знамињата, неговите лични ангажмани во Шипковица, во Мала, во Голема Речица, ланските поплави.

Според Никола Дујовски, професор на Универзитетот Свети Климент Охридски, Груевски се надевал на многу поинаков изборен резултат, а исходот го приморал сега да ја смени реториката.

„Ова што сега го прави не е ништо повеќе од едно класично додворување до некој апстрактен партнер, затоа што ниту ДУИ не е повеќе тоа што ВМРО-ДПМНЕ беше во македонскиот блок. Истата судбина ја делат двете партии“, вели Дујовски.

Логично е да се очекува партијата што е на власт десет години да ги истакнува своите позитивни проекти за меѓуетничките односи во предизборната кампања, вели Исмет Рамадани од Евроатланскиот совет. Сите овие работи требаше да ги кажува тогаш и ќе значеше дека искрено работи за нивно подобрување, вели Рамадани.

„Сега кога ги спомнува овие работи веќе е очигледно дека тоа го прави за да може да ги мами албанските партии да формираат влада за да остане на власт. На крајот на краиштата тој и на македонските гласачи сега им кажува нешто друго - од еден националист поминува во човек кој има разбирање за барањата на Албанците“, вели Рамадани.

Во предизборната кампања ВМРО-ДПМНЕ ја градеше својата позиција на повици за гласање против сценаријата, кои како што тврдеа, и се кројат на оваа држава за двојазичност на целата територија. Партијата напаѓајќи го СДСМ дека тоа ќе го дозволеле не го споменуваше ова што сега го зборува Груевски за нивниот ангажман за подобрување на правата на Албанците. Во интервјуто покрај што ја истакнува позитивната улога на ВМРО-ДПМНЕ за Албанците, тој ги критикува СДСМ дека во деведесеттите години ги тепала во Гостивар и во Тетово и дека потоа ги искористувала само за да дојдат на власт.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG