Достапни линкови

Иванов: Лидерите да не си играат со државните интереси


Иванов апелира да нема реваншизам
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Иванов апелира да нема реваншизам

Нема да се согласам Македонија да биде бинационална држава, федерална држава, а слушам дека се бара двојазичност на целата територија, нагласи претседателот Ѓорге Иванов во своето годишно обраќање. Во дел од него тој употреби исти термини и тези со оние на владејачката партија.

Федерализација, кантонизација, тргување со државни интереси, селективно и политизирано Специјалното јавно обвинителство кое наместо инструмент за правда, се сведе на инструмент за уцена на политичките противници. Дел од термините што беа впечатливи за предизборната реторика на ВМРО-ДПМНЕ можеа да се препознаат во ова годишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов.

Недозволиво е некои лидери на парламентарни партии на преговарачка маса да ги ставаат државните интереси на Македонија, нагласи Иванов не прецизирајќи на кои лидери мисли.

„Во името на македонските граѓани, ги предупредувам да внимаваат што прават. Во името на македонските граѓани, им порачувам да не помислат во нивните постизборни комбинаторики да разговараат или да преговараат за државните интереси на Македонија и националните интереси на македонскиот народ“, рече Иванов.

Кога го потпишав законот за Специјалното јавно обвинителство не очекував тоа да работи еднострано рече Иванов правдајќи ја својата одлука за помилување која предизвика жестоки реакции. Се натпреваруваа во палење слики и народни канцеларии, а деновиве гледаме дека некои почнаа и со лицитирање со државните интереси, рече тој нагласувајќи дека имало две причини за сегашната ситуација, надворешна и внатрешна.

Неодговорното однесување на НАТО и на Европската унија кон Македонија неминовно се одрази на нашата внатрешна политика, оцени Иванов лоцирајќи го надворешниот фактор. Внатрешната причина тој ја посочи во долгото игнорирање и заобиколување на институциите поради што, како што рече, се влегло во стапицата на пржинскиот договор. Побара да престанеле со реториката на патриоти и предавници.

„Да престанат и нападите кон дипломатските претставници. Да престанеме секогаш вината да ја бараме кај другите. Истовремено, го повторувам и повикот дипломатските претставници во вршењето на своите надлежности да внимаваат на нивните постапки и реторика и да се придржуваат до Виенските конвенции“, рече Иванов.

Тој ги повика лидерствата на двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, да смогнат сила за да си простат и да се сплотат околу националните интереси на македонскиот народ. Ги повикувам на национално помирување, нагласи претседателот.

„Очекувам од новата влада во својата програма да има два клучни приоритета:прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија“ рече Иванов.

Тој нагласи и дека службената употреба на кој било јазик во Македонија зависела од статистиката, па единствен начин за добивање реална статистика е пописот поради што ја повика новата влада што поскоро да го спроведе. За разлика од други години кога се обраќаше во собранието, денеска тој говорот го одржа во претседателката вила на Водно.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG