Достапни линкови

Неделен печат – Година на одбрана на државата или година на расплет?


Поддржувачи на СДСМ слават по изборите на 11 декември пред владата
Поддржувачи на СДСМ слават по изборите на 11 декември пред владата

Неделникот Република пишува дека „Битката против редефинирање на Македонија“ продолжува и наредната година. Глобус дека федерализацијата е спин, а Фокус дека 2017 ќе биде година на расплет.

Каква е годината што е на заминување и каква ќе биде годината 2017, на политички план, особено по вонредните парламентарни избори на 11 декември?

Република - Година на борба за одбрана на државноста

За Република, на пример, 2016 била „Година на борба за одбрана на државноста“. А според насловот на текстот - „Битката против редефинирање на Македонија не запира“. Редефинирање, кантонизација и федерализација биле термините што ја одбележале оваа година кога Македонија, според овој неделник, го преживеала најголемиот удар на државноста. Потоа Република ги реди наводните виновници за процесот на, како што вели, фабрикување на некоја нова држава на западен Балкан: на прво место е СЈО, па наметнатите министерски функции „за организирање изборен инжинеринг, дикови за привид на хаос во изборниот инжинеринг на патот кон целта, адхокфиличари за медиумско перење мозок“... Неделникот продолжува со наведувањето дека сите овие биле смислени од странски наводно добронамерници со своите мегафони од амбасадори, конзули, медијатори, кои заедно со „вонпартиски и партиски катиљдушегрижници вдомени во тие институции беа собрани за една употреба – повторно да се измисли држава во западен Балкан“, чија мерка ја земале финансиерите на новите социјадемократски бази од албанската дијаспора – смета Република.

Глобус - Федерализацијата како најголем предизборен спин, здушно прифатен од редица медиуми

За „Федерализацијата како најголем предизборен спин, здушно прифатен од редица медиуми“ и за тоа дека тезите за федерализација и кантонизација се со цел предизвикување таканаречена „морална паника“ кај граѓаните дека наводно нешто многу страшно се случува и допрва ќе се случи на државата, имаат мотив не нејзино спасување туку спасување на позициите на оние кои досега владееја – пишува Глобус во најновото он-лајн издание. Потоа авторот потсетува дека уште Уставот на Народна Република Македонија од 1946 година го утврдува правото на „националните малцинства“, како што беше тогашниот термин, на заштита на културниот идентитет и е предвидена употреба на јазикот, додека со Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година им се гарантира правото на „народностите“ слободно да го употребуваат својот јазик. Глобус уште потсетува дека Уставот од 1991 година ги реафирмира овие права, а дека дополнително беа надградени по 2001 година, кога „заедницата“ со повеќе од 20 отсто на национално ниво доби можност да го користи својот мајчин јазик во службена употреба. И конечно, Законот за употреба на јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните, што во 2008 година, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, го усвои Собранието, со кој се пропишува тој јазик да се употребува во комуникацијата на граѓаните со министерствата и со локалната самоуправа, во судските постапки... Така што, поентира Глобус со мислата на еден стручњак за политички маркетинг, целта на повикот до граѓаните од досега владејачката партија да ја спасат државата на изборите давајќи го гласот за ВМРО-ДПМНЕ не беше ништо друго туку повик за спас на сопствените позиции.

Фокус – Година на расплет

За Фокус, 2017 година ќе биде година на расплетот. Имено, пишува авторката на уводникот, „ако 2015 беше бомбашката година кога се победи стравот, а 2016 кога режимот не успеа да ја убие надежта, тогаш 2017 ќе биде, верувам, година на расплетот. Кога Титаник ќе биде симбол на распашаната криминална банда од ДПМНЕ што се дави, која додека бродот тонеше, уште танцуваше на звуците на оркестарот на пастирот. Појасите за спасување од СЈО тогаш не ќе им бидат при рака!“ Фокус се осврнува и на оние граѓани на Македонија кои гласаа ВМРО-ДПМНЕ да остане на власт, потсетувајќи на изјавата на познат српски криминалец кој отприлика рекол: Во мое време, ние лоповите избиравме кого ќе опљачкаме, а денес народот избира кој да го пљачкосува наредните години. И потоа вели: „Иако добија бројни аудиосведоштва, материјални докази, потврди од инсајдери за грабежот на столетието од фамилијата, сепак овие 450 илјади граѓани гласаа дека овие лопови заслужуваат уште да нè докрадат“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG