Ни од ВМРО-ДПМНЕ, ни од ДУИ денеска не откриваат дали ги започнале преговорите за формирање на нова влада. Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната средба му даде полн легитимитет на лидерот на партијата, Никола Груевски, да ги отпочне преговорите за состав на новата влада, кои, како што соопштија, треба да се водат на принципиелни основи, при што ќе бидат запазени и државните интереси.
На прашањето дали веќе ги започнале преговорите и со кого преговараат, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се уште немаат дополнителни информации за јавноста.
„Кога ќе имаме детали ќе ги соопштиме во јавноста“, посочуваат од партијата.
Од ДУИ, пак, на прашањето дали денеска ќе има средба на централното претседателство на партијата и дали на него ќе се разговара за отварање на преговори со нивниот досегашен партнер во владата кратко, велат дека се уште се прават анализи. Претходно од ДУИ соопштија дека би разговарале со ВМРО ДПМНЕ, додека другите партии од албанскиот блок БЕСА и Алијансата за Албанците ја отфрлија таквата можност, а од ДПА засега се без став по прашањето.
ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ би имале тенко мнозинство од 61 пратеник во Парламентот. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи вчера во емисијата Аргументи на ТВ Нова изјави дека мора да се отвори дебата за јазикот, знамето и грбот.
Од СДСМ, пак, посочуваат дека го чекаат исходот од преговорите на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи партијата го има мандатот за формирање на нова влада. Од таму посочуваат и на веќе познатиот став на партијата во јавноста дека Груевски не треба да ја состави новата влада, туку партиите од Парламентот кои во своите редови немаат осомничени и обвинети за криминал.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочија уште еднаш дека со коалицијата на изборите освоиле најголем број на гласови и дека треба да се почитува волјата на мнозинството. Потребна е според партијата, политичка стабилизација за продолжување на економскиот напредок, за што е неопходно составување на влада која ќе биде фокусирана на исполнување на реалните потреби и барања на граѓаните.
Убедливо мнозинство граѓани, пак, наведуваат од СДСМ избрале промени и нова одговорна влада којашто ќе се грижи на нивните потреби и ќе води реални политики. Народот, според партијата ставил крај на деструктивни политичари како Груевски, кој со реториката на конфликт со демократската јавност сака да ја изолира Македонија. Граѓаните се свесни, како што наведуваат од СДСМ дека Груевски тоа го прави за да се спаси од одговорност и планот нема да му успее.
Уставниот рок од дваесет дена почна да тече на 9 јануари и мандатарот до крајот на месецов треба до Собранието да му поднесе програма и да го предложи составот на новата влада.