Достапни линкови

Дневен печат - Нова влада или нови избори?


Седиштето на Владата на Република Македонија
Седиштето на Владата на Република Македонија

Во очекување на составот на новата влада, весниците прогнозираат и анализираат дали таа ќе биде составена од прва или пак ќе бидат потребни нови избори. За свое место меѓу политиката се избори и темата за снабдувањето со електрична енергија.

Ако нема проблем – измисли го и развлекувај ја работата, толкувај го Уставот, напаѓај го противникот - додека не ти се склопат сите коцкички од мозаикот. Вака некако би се опишале случувањата во земјава откако „Груевски по петти пат го доби мандатот за формирање влада“, како што наслови Утрински, за да додаде: „Шефот на државата, на очекуван начин, ги расчисти дилемите околу мандатарот, но останува неизвесноста дали идната влада ќе биде составена во прв обид и во наредните 20 дена“.

Слободен печат го цитира Груевски од интервјуто за Дневник чии зборови повеќе политички аналитичари ги оценија како закана:

„Ќе се обидам да составам влада, но не по секоја цена. Ако се прекршат принципите сè е можно“.

Вечер одбра наслов: „Власт или Пропаст“, алудирајќи, се чини, на наводната пропаст за Македонија ако Груевски не успее да состави влада. Потоа весникот додава: „Почнува тежок процес на преговори за формирање влада – во игра влезе и лидерот на ДУИ“.

Утрински, пак, забележува дека „Ахмети е растргнат меѓу партиското членство и Груевски – досегашните анализи покажале дека доколку Ахмети одлучи да ја продолжи соработката со ВМРО-ДПМНЕ ќе наиде на силен отпор во партијата“.

И како што поминуваат деновите од уставниот рок мандатарот да ја стокми новата влада, почнуваат да се јавуваат, според Вечер, експертски толкувања дека Уставот бил јасен: „Ако Груевски не формира влада – ќе има нови избори“, затоа што македонскиот Устав не предвидувал дека доколку мандатарот не успее да формира влада мандатот да му се даде на второпласираниот на изборите.

Дневник ја пренесува изјавата на шефот на кабинетот на Ахмети, Артан Груби: „Груевски и Ахмети лично ќе ги водат разговорите“.

Инаку Вечер не престанува со негативната кампања против СДСМ, лидерот Заев и Сорос: „СДСМ и Сорос се едно исто“, „И Унгарија ќе ги затвора невладините на Сорос!“, „Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ: Семејните и пријателските бизниси на Заеви станаа рутина во општина Струмица“ – се само некои од насловите во тој весник.

Актуелна е и Платформата на албанските партии во земјава, која, како што потсетува Утрински „е постигната со директна интервенција на официјална Тирана и Приштина“ и која, како што наслови весникот, „Ги замолчи ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“. Дневник го пренесува ставот на опозициската партија со следниов наслов: „Заев нема да се изјаснува за Платформата – СДСМ: Сè додека не ја добиеме официјално, не коментираме“.

Нова Македонија, преку мислења на историчари, го анализира делот каде што со декларација од Собранието се бара Македонија да го осудела наводниот геноцид врз Албанците од 1912 до 1956 година: „Серија неповрзани настани кога Македонија била под странска окупација и не суштествувала како државноправен субјект не може да бидат ’геноцид‘. Дел од историчарите предупредуваат дека со овој термин, што е строго дефиниран со акти на ОН, не смее политички да се манипулира“ – наведува Нова Македонија. Утрински го пренесува мислењето на аналитичарот Рамадан Рамадани: „Албанските партии бараат признавање на геноцид кога Македонија не била ниту држава и дека со резолуцијата треба да бидат опфатени и Македонците и Турците, бидејќи во првите години од воспоставувањето на комунистичката власт и тие доживувале идентични геноцидни дејства како и Албанците“.

И како за крај, белки нема да има проблеми со снабдувањето со електрична енергија. Утрински информира дека „Грција, од каде што Македонија купува струја, го исклучи далноводот кон земјава поради ниските температури што ја зафатија и таа земја, а и Бугарија размислува да ја затвори интерконекцијата кон соседните земји, но од ЕЛЕМ велат дека нема да има проблеми со снабдувањето“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG