Достапни линкови

Дефокусирање на јавноста за избегнување одговорност


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на партиски собир во Скопје.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на партиски собир во Скопје.

Пренасочувањето на вниманието на јавноста од еден скандал кон друг или од суштински проблем кон имагинарен непријател е добро познат механизам на досегашното владејачко мнозинство, велат аналитичарите. Тие објаснуваат дека кампањите со кои се заплашува народот служат за прикривање на слабостите и купување време.

Моќта на илузионистите е во одвлекувањето на вниманието, публиката гледа во она што е полно светло на сцена, она што илузионистот сака да покаже, а не во она што тој навистина го прави во позадина на сцената. Слична е и македонската приказна, која пак народски кажано, вели „клин со клин се избива“. Пренасочувањето на вниманието на јавноста од еден скандал кон друг или од суштински проблем кон имагинарен непријател е добро познат механизам на досегашното владејачко мнозинство, велат аналитичарите.

Во период кога се очекува формирање на влада, кога се очекува дали осомничените за изборен криминал во предметите кои произлегоа од прислушуваните разговори повторно ќе бидат дел од новото раководство на државата, како судот со сите свои внатрешни престрелки ќе се справи со предметите во кои главни улоги имаат досегашните функционери, зошто никој повеќе не ги спомнува забелешките на Рајнхард Прибе и потребата на ослободување на државата од партијата, во период кога само 10 сантиметри снег ги блокираат патиштата, во јавноста главна тема е спас на земјата од странскиот непријател Џорџ Сорос кој финансирал невладини организации.

Политичкиот аналитичар Митко Гаџовски вели дека е очигледно дека нема напредок во преговорите за формирање на Влада, па отворањето на теми во јавноста кои ќе ја дефокусира јавноста од главните и суштински проблеми служи за купување време и одолговлекување на преговорите.

„Мислам дека со одолговлекување на преговори и со нивно воопшто не започнување, се оди на карта да се продлабочи кризата во Република Македонија и сметам дека тоа многу повеќе ќе му одговара на ВМРО-ДПМНЕ отколку на која било друга политичка партија“, вели тој.

Прикривање на лошото владеење на досегашната коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се дел причините за дефокусирањето на јавноста во изминативе два месеца со теми како федерализација, кантонизација, притисоци кон ДИК, националистички испади и вербални напади кон странските амбасадори во земјава, вели Исмет Рамадани од Евроатланскиот совет. Тој додава дека отворањето на новиот фронт со невладините организации оди на штета на партијата.

„Битката е да се опстане како политичка партија, која бара начин да ги убеди барем тие што ги има под влијание дека тие се и само тие и никој друг не може да владее со Македонија“, вели Рамадани.

Ред кампања па ред толкувања на уставот дека победникот ако не може од прва треба од втора да се обиде да формира Влада укажува само на обид за прикривање на суштината, вели Гаџовски.

„Во оваа кампања веројатно ги прикрива слабостите кои што ги има ВМРО-ДПМНЕ во своите редови и токму затоа се отвораат прашања кои што да речеме немаат никаква врска со моменталната состојба и политичката ситуација во Република Македонија. Имено имаат преголем товар кои што го носат на својот грб претставниците на ВМРО-ДПМНЕ кои им се наталожени и да може да ја формираат нова влада“, вели тој.

Рамадани вели дека клучните прашања кои изостануваат се задачите пропишани од Европската комисија и од извештајот на Рајнхард Прибе за да се излезе од политичката криза.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG