Од стотина обвинети за злоупотреба на државни функции, за незаконско прислушување, за кражба на државни пари, земање мито, бесправно уривање и градење, наредување насилство, како и за изборни измами во изминатава година, мерката притвор беше одредена само за петмина и тоа со краток рок на употреба.
Врховниот суд ги потврди дел од одлуките на Апелациониот суд односно одлучи дека во притвор ќе треба да одат ексначалникот на Петтата управа Горан Грујевски и вработениот УБК Никола Бошковски, додека поранешниот шеф на кабинетот на Сашо Мијаков и натаму ќе се брани од слобода, само што како мерка за обезбедување, освен македонскиот, ќе му биде одземен и дипломатскиот пасош. Што значи дека за само десет проценти од барањата на СЈО во последните предмети судот одговорил со најсилната мерка притвор.
Репресивната мерка која досега судот во најмала рака веднаш ја изрекуваше за сите случаи на Основното јавно обвинителство, стана тешка мерка која не се одредува лесно.
Само во јуни од СЈО до судот беа поднесени 17 предмети за 97 обвинети од кои за 18 луѓе бараше мерка притвор, а за 47 мерки за претпазливост. Поранешен премиер, поранешен шеф на разузнавање, преку тројца министри, вицепремиер и двајца секретари на Влада се само дел од обвинетите за криминал за кои судот смета дека нема потреба од одредување на мерка притвор, затоа што ветиле дека нема да бегаат и нема да влијаат врз сведоци, ама за секој случај им ги одзема пасошите.
Судската пракса покажува дека кога политичари се осомничени или обвинети за кривични дела, тогаш станува збор за дела од повисок профил со поголема тежина и поголема финансиска или материјална штета. Но, во тие случаи судиите во последниот период не применуваат мерки на обезбедување, односно на притвор, вели истражувачот и магистер на темата притвор Александар Тумановски.
„Кај тие лица мерката притвор не се ни определува, за разлика од лицата од послаб профил или понизок статус во општеството кои за помали кривични дела, со помала запретена казна, тогаш судот во најголем процент кога се бара мерка притвор, таа се опоределува. Така што, постои голема разлика при определувањето на мерката притвор, зависно од побараната страна или за кое лице станува збор, дали се политичари или обични луѓе“, објаснува Тумановски.
Но, пред основањето на СЈО, јавноста се сеќава дека политичарите кои беа гонети од Основното јавно обвинителство со брзина на светлината беа спроведувани во притвор пред телевизиски камери.
Досегашниот впечаток во јавноста е дека за Специјалното јавно обвинителство важат посебни закони, односно поинаков начин на толкување на постојните, по што и обвинетите од ова обвинителство добиваат и повластен третман во судот. Од влегување во судница преку службен влез, па се до неодредување на мерка притвор во ситуација кога голем дел од аналитичари тврдат дека постои основано сомнение за тоа, или одложено спроведување на притворот што досега не се се случило во судската пракса.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, вели дека одложувањето на спроведување на мерката притвор поради рок за жалба е неиздржано и дека таквото толкување е квази образложение кое создава правен простор за маневар.
„Се друго е квази право, квази примена и избегнување на она што самите одлучиле да го спроведат. Мислам дека тоа е недопустиво, за судската пракса такво нешто не постои. Тие дилеми сега ги наметнуваат за да можат некои работи да се пролонгираат“, вели тој.
Според правната анализа за примена на мерката притвор, објавена во 2015 година, Судот дотогаш беше критикуван за честа употреба на оваа мерка со решенија кои беа оценети како необразложени, неаргументирани, премногу генерализирани, а мерката притвор траеше предолго без постоење на аргументи за конкретните основи. Од меѓународни организации и од Европската комисија на адреса на Судот пристигнуваа и критики дека притворот во Македонија дотогаш се користи како казна, наместо како мерка, и дека создава загриженост оти честопати пресудата и казната се во времетраење на издржаната мерка притвор.
Но, по основањето на СЈО работите во судската пракса делумно се сменија.
„Основниот суд Скопје 1 при барањето за мерките за обезбедување на лицата во постапките од страна на СЈО воопшто немаше прифатено мерки за притвор за разлика од страна на Обвинителство за организиран криминал каде над 90 отсто беа прифатени. Во последните случаи во Основниот суд Скопје 1 исто така побараните мерки за обезбедува на лицата со притвор од СЈО не беа прифатени“, вели Тумановски.
Ако се погледнат бројките од минатата година, за споредба по барањата на Основното јавно обвинителство за одредување на мерката за притвор судот одговорил позитивно во речиси 98 проценти, додека за СЈО само во 5 проценти. По одредувањето на мерката притвор за обвинетиот Сеад Кочан, кој беше недостапен за полицијата два месеца, Врховниот суд по барање на обвинителот Марко Зврлевски, кој не е надлежен за случаи на СЈО, одлучи да му го укине притворот.
За потсетување, лани Судот одреди притвор само за градоначалникот на Битола, Владимир Талески, во предметот Транспортер, при што мерката беше заменета со куќен притвор. Додека по приведувањето на обвинетиот градоначалник на Пустец Едмонд Темелко, неколку часа подоцна судот процени дека не треба да се одреди мерка притвор, туку редовно јавување во суд.
Мерката притвор се определува врз основа на барање на обвинител во кое се доставени наредба за истражна постапка и материјалните докази прибавени во постапката за основаното сомнение. Во правната анализа е наведено дека за да се одреди мерка притвор е потребно судот да располага со објективни докази дека осомничениот ќе избега, дека ќе влијае врз сведоци (уништување на докази, заплашување на сведоци и контакти со лица вмешани во случајот) или дека ќе продолжи со извршувањето на кривичното дело.