Достапни линкови

Досие Сопот - Клучниот сведок сведочел под присила?


Архивска фотографија - Адвокатите и обвинетите во предметот Сопот пред Основен Суд Скопје 1
Архивска фотографија - Адвокатите и обвинетите во предметот Сопот пред Основен Суд Скопје 1

Одложено е судското рочиште за предметот Сопот, откако денеска во судницата клучниот сведок, Рамадан Бајрами при легитимирање пред судскиот совет приложил неважечка лична карта. Рочиштето е презакажано за 20 декември.

Нелегално снимениот телефонски разговор меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков е една од причините поради која Специјалното јавно обвинителство го зеде предметот „Сопот“ под своја надлежност. Денеска во судницата требаше да продолжи рочиштето со сослушување на сведоци. Судот денеска требаше да реши дали ќе ги прифати и новите докази кои ги доставија обвинителите од тимот на Катица Јанева, но рочиштето е одложено за 20 декември. Причина за одложувањето е што сведокот се појавил во суд со неважечки документи.

СЈО бараше снимениот разговор да се користи како доказ во постапката, зашто може да придонесе да се утврдат фактите за случајот „Сопот“.

please wait

No media source currently available

0:00 0:08:49 0:00
Директен линк

Машки глас: Блерим ме бара, ургенции во судство, значи по судовиве, за повеќе предмети. Меѓу другото и за „Сопот“. Кажи ми ти на мене сега, тоа што, ние договаравме нешто за „Сопот“. Дали нешто договоривме?

Женски глас: Види, ништо прецизно не договоривме, оти таму нели за „Сопот“ они правеа комисија во Собрание.

Женски глас: И доаѓаат цела комисија, значи институционално они беа кај мене. За волја на вистината ништо немаше во кабинет документи, што е нормално, све однеле. И они со тие као, со наодите од анкетната комисија, оти и си сослушуваа, Бучко го викаа, таму не знам некој друг, Хари ли беше, кој беше, не се сеќавам…

Машки глас: Да и Бучко рекол: Гониме невини луѓе.

Одбраната на обвинетите, пак, најави дека ќе побара како сведоци во постапката да бидат повикани Јанкулоска и Мијалков бидејќи смета оти нивните искази се клучни за утврдување на вистината. Тимот на Јанева бара како сведоци пред судот да бидат повикани и шестмина вработени во УБК.

Овој предмет датира од 2003 година, кога двајца полски војници и еден македонски државјанин загинаа, откако теренско возило на НАТО нагази на мина. Во овој случај осум години по настанот десеттмина лица се осудени за тероризам. Во меѓувреме, во Собранието заседаваше и анкетна комисија за овој предмет, која завршила со ставот дека изјавите на клучниот сведок во предметот се дадени под присила на полицијата. Поради ваквите заклучоци во 2009 година, предметот повторно се отвора, стигнува до Апелациониот суд, по што се враќа во 2011 година во првостепена постапка.

Во 2015 година од бомбите на тогашната опозициската СДСМ, се слушна дека тоа била политичка пресуда заснована на изјава добиена со ќотек, а како што се слуша од разговорот, за тоа знаел и тогашниот премиер Владо Бучковски. Тие се товарат дека подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево - Сопот.

Со првата пресуда за експлозијата од мина што се случи кај Сопот беа осудени 11 лица од селото, а шестмина од нив биле осудени во отсуство.

Обвинителката Фатиме Фетаи на прес конференција во мај годинава изјави дека според нивната истрага станува збор за монтиран случај.

„Дојдовме до заклучок дека исказот на сведокот Рамадан Бајрами, на кој доказ се темелеле сите осудителни пресуди, кои сега се укинати и повторно се води постапка, е изнуден исказ. Таквиот исказ е производ на употребена сила и закани по неговиот личен интегритет, од страна на службени лица од МВР, со што од страна на овие лица кои постапувале за време на испитувањето на сведокот, е сторено кривично дело – тортура. Таквите факти ги потврдува и наведениот сведок, меѓутоа и дел од службените лица, испитани во предистражната постапка пред ова обвинителство“, изјави тогаш Фетаи.

Таа тогаш посочи дека за предметот било спроведено и вештачење со кое е утврдено дека по тортурата на сведокот му е нарушено психичкото здравје.

На последното рочиште шест од десеттемина обвинети, се изјаснија дека остануваат на претходно дадените изјави пред судот, односно дека се невини. Четворица обвинети се недостапни за судот.

Претходното рочиште, пак, беше одложено по предлог на одбраната, која тогаш побара дополнително време за подготовка, поради промената на судиите во кривичниот совет и преземањето на случајот од Специјалното јавно обвинителство.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG