Достапни линкови

Што помалку луѓе го знаат, заштитениот сведок е побезбеден


Специјалното јавно обвинителство бара јавната обвинителка да може сама да одлучи кој ќе биде вклучен во програмата за заштита на сведоци, за да се ограничи кругот на луѓе што го знаат идентитетот на сведокот за полесно да може да се гарантира неговата безбедност.

Имајќи ги предвид пречките со кои се соочуваме при многу поедноставни работи како барање документи од одредени институции, замислете што ќе се случи кога се работи за заштитени сведоци, кога е во прашање нечиј живот, велат во Специјалното јавно обвинителство.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во последните неколку јавни настапи побара измени во Законот за заштитени сведоци, продолжување на рокот од 18 месеци за завршување на истрагите и имплементирање на препораките од Венецијанската комисија.

„Не спијам мирно додека мислам дека некој наш сведок е загрозен затоа што ни помогнал во нашата работа“, рече специјалната обвинителка Катица Јанева во вчерашното интервју за МТВ.

Специјалното јавно обвинителство бара јавната обвинителка да може сама да одлучи кој ќе биде вклучен во програмата за заштита на сведоци, за да се ограничи кругот на луѓе што го знаат идентитетот на сведокот за полесно да може да се гарантира неговата безбедност.

Според сегашниот закон за заштита на сведоци, петчлен совет одлучува дали некој ќе биде вклучен во програмата за заштита на сведоци. Во Советот членуваат претставник на Врховниот суд од редот на судиите, претставник од Јавното обвинителство од редот на замниците јавни обвинители, директорот на Управата за извршување на санкции во Министерството за правда, претставник од Министерството за внатрешни работи и раководителот на Одделението за заштита на сведоци во МВР. Овие пет члена имаат и свои заменици, кои доаѓаат од истата институција од која доаѓаат членовите. Членовите на Советот и нивните заменици ги назначува и разрешува функционерот кој раководи со институцијата од која доаѓаат.

На прес-конференција минатата недела, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека овие измени се многу важни за нивната работа.

„Апелирам до законодавниот дом да ги донесе поднесените од моја страна измени на Законот за заштита на сведоци за да може СЈО да навлезе во сржта на предметите како што се Мартин Нешкоски, Монструм и Сопот“, рече таа.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски смета дека ова барање на СЈО веројатно тргнува од практични примери.

„Толку се очигледни опструкциите во работата на Специјалното јавно обвинителство, што веројатно ваквото барање за измени е мотивирано од таквите опструкции, да не се стави во некоја ситуација да се открие лицето коешто треба да биде заштитен сведок за да може да се утврди одредена фактичка положба“, вели Трпеновски.

Законот за Специјално јавно обвинителство исто така предвидува тимот на Јанева да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност. Во СЈО сметаат дека овој рок е прекраток за да ги завршат сите работи и оти тој „им ги врзува рацете“.

Тие бараат и спроведување на препораките на Венецијанската комисија која препорача да се овозможи објавување за материјали кои се од интерес на јавноста, односно со нив се укажува на злоупотреби и криминал.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG