Достапни линкови

СЈО – Една година борба со опструкции


Изминува една година од формирањето на Специјалното јавно обвинителство. Очекувањата беа поголеми од досега сработеното, но не треба да се заборават и опструкциите кои значително ја забавија работата на обвинителите.

Министри, функционери и бизнисмени, осомничени и сведоци за криминал за кој делумно слушнавме во опозициските бомби на распит во Специјалното обвинителство од следната недела ќе одат во новите канцеларии. Тимот на СЈО следната недела се сели во поранешната зграда на Агенцијата за млади и спорт. За две недели тимот на Катица Јанева треба да го објави и шестмесечниот извештај за нивните активности. Досега се објавени само информации за пет предмети во кои се осомничени функционери од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нивни соработници.

Станува збор за истрагите именувани како Титаник, Тврдина, ТНТ, Тортура и Транспортер. Осомничени се поранешни и сегашни функционери и вработени во петтата управа за уништување на опрема за прислушување, за пречекорување на службени овластувања при апсење на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, за изборни манипулации, за проневера на државни пари за превоз на ученици во Битола и за уривање на објектот Космос.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека очекувањата во јавноста од СЈО беа поголеми од тоа што реално е сработено, но додава дека не треба да заборавиме дека имаше многу опструкции кои ја забавија работата на обвинителскиот тим.

„Временскиот период којшто го изгуби, мислам дека го изгуби исклучиво заради одлуката за аболиција која ја донесе претседателот на Република Македонија, тоа практично оневозможи да продолжи со една континуирана работа во процесирање на случаите, па тој временски период ќе треба сега да се надополни. Но, мислам дека во тоа ќе успеат затоа што Специјалното јавно обвинителство и натаму работат сериозно“, вели тој.

За разлика од досегашната пракса Судот да изрекува мерка притвор за речиси сите барања на Основното јавно обвинителство, во случајот на СЈО речиси сите барања беа одбиени. Притвор досега доби само началникот на Петтата управа Горан Грујовски, мерка која набрзо беше заменета со куќен притвор, а потоа поништена. Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, е единствен осомничен кој е во домашен притвор веќе два и пол месеци. Под неразјаснети околности се самоуби и Коста Крпач за кој СЈО посочи дека имал својство на сведок, додека претседателот Ѓорѓе Иванов го аболираше. Во списокот на аболирани беа наведени 56 луѓе, од кои поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, беа аболирани рекорден број пати, што значи дека и двајцата се осомничени во најмалку десетина предмети. Во претходниот шестмесечен извештај на Јанева, беше наведено дека нејзиниот тим води 120 предистражни постапки.

Тимот на Јанева во неколку наврати се жалеше дека институциите не соработуваат со нив и не им доставуваат докази. Провладините медиуми водат црна кампања против ова обвинителство. Дополнително, над СЈО сè уште виси опасноста да биде укинато од Уставниот суд, а Советот на јавни обвинители постојано ја преиспитува надлежноста на ова обвинителство.

Трпеновски вели дека иако измина една година и сè уште нема обвинение, сепак случаите на кои работат се многу сложени со сериозна општествена опасност, па доколку работат претпазливо со повеќе време посветено на истражување и прибирање на материјални докази, тогаш може да очекуваме дека наскоро тимот на Јанева ќе ги поднесе првите обвиненија по кои ќе го цениме и квалитетот на сработеното.

„Јас мислам дека некои случаи се зрели за донесување на одлука на Специјалното јавно обвинителство, а тоа се овие случаи коишто беа први отпочнати, бидејќи се повикуваат сведоци, но Специјалното јавно обвинителство не се ослонува само на вербалните докази, мислам дека силината на работата на ова обвинителство се писмените и материјалните докази врз кои ќе го темели обвинението“, објаснува тој.

Во изминативе десетина дена во канцелариите на СЈО се појавија на распит важни личности од бизнис секторот и политичкиот живот, како бизнисменот Орце Камчев, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, пратеничката Силвана Бонева, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и лидерот на ДПА Мендух Тачи.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG