Достапни линкови

Предистражна постапка на СЈО за „Скопје 2014“


Жерновски: Нема излез од кризата без одговорност
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:22 0:00

Жерновски: Нема излез од кризата без одговорност

Специјалното јавно обвинителство денеска го повика на распит градоначалникот на скопската општина Центар за истрагата поврзана со контроверзниот проект Скопје 2014. Досега се потрошени над 600 милиони евра.

По двочасовен распит во Специјалното јавно обвинителство, градоначалникот на скопската општина Центар Андреј Жерновски изјави дека со обвинителките разговарал за проектот Скопје 2014 и она што го затекнал во општината кога дошол на функција. Тој објасни дека во СЈО се отворени и други предмети поврзани со општината, но фокусот на денешниот распит бил само проектот Скопје 2014. Тој додаде дека како докази ги доставил ревизорските извештаи, но повеќе информации не сподели со јавноста.

„Конечно, овие ревизорски извештаи се најдоа во вистински раце и ние може да очекуваме конечно правдата да биде задоволена. Не може Македонија да излезе од оваа криза доколку нема правна разрешница на сето она што го слушавме и сето она што е направено. Да бидам подиректен, нема излез од оваа криза доколку оние што ги сторија криминалите не одговараат за тоа“, вели тој.

Во дел од медиумите беше објавено дека спомениците Александар Македонски, односно Воинот на коњ, Филип Втори, цар Самоил и Методија Андонов Ченто се дел од причината поради која градоначалникот Жерновски даваше исказ пред специјалните јавни обвинителки.

Во 2013 година, Општина Центар ги ангажираше антикорупционерите Слаѓана Тасева и Драган Малиновски да изготват ревизорски извештај за проектот Скопје 2014. Извештајот констатирал дека при водењето на постапки во проектот имало многу незаконитости.

„Ние утврдивме дека очигледно постојат постапки во кои незаконски се постапувало и тука има простор за сите кои сакаат и натаму да работат на утврдување на конкретни дејствија од страна на одделни лица. Значи, да, има простор натаму за водење на постапки. Сите постапки се водени на начин да се создаде привид дека се спроведува законот. Значи, ги имаме елементите, ама не се таму каде што им е местото“, рече тогаш Тасева.

Претходно, документите за проектите во деталниот урбанистички план Мал Ринг каде што се сместени најголемиот дел од спомениците и објектите од владиниот проект Скопје 2014 општината ги достави во СЈО.

Од тимот на Јанева се воздржуваат од коментари. Потврдуваат дека за овој предмет е отпочната предистражна постапка, но заради тајноста на постапката одбиваат да соопштат повеќе детали.

Овој предмет произлегува од прислушуваните разговори.

please wait

No media source currently available

0:00 0:03:56 0:00
Директен линк

„Машки глас 1: Регулаторни, некои ќе најдеме, да се изгради некоја убава, така барокна зграда.

Машки глас 2: Многу е начичкано таму ептен. М? Сообраќано решение...

Машки глас 1: Знам дека е начичкано, ама со грди згради е начичкано, сакам да го разубавам просторот.“

Контроверзите околу овој проект настанаа уште при неговата најава во 2010 година, кога тогашниот премиер Никола Груевски на собраниска седница ги демантираше тврдењата на опозицијата дека за него ќе се потрошат стотици милиони евра.

„Дезинформирајќи ја јавноста дека проектот ќе чини 200 милиони евра, што е целосно неточно, според пресметките, проектот треба да чини околу 80 милиони евра во осум буџетски години, што ако добро ги следите буџетските работи, ќе се согласите дека не е некое сериозно оптоварување на буџетот“, рече тогаш Груевски.

Само три години подоцна, на прес-конференција, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска повторно ги демантираше опозициските тврдења дека проектот ни приближно не чини половина милијарда евра.

„Значи оваа сума којашто сега е собрана врз основа на веќе реализирани проекти, на веќе склучени договори, за средства кои се префрлени во голем број општини, изнесува 207 милиони евра“, рече тогаш таа.

Базата на податоци на БИРН, пак, денеска покажува дека за изменувањето на ликот на Скопје во изминативе 6 години се потрошени над 640 милиони евра.

Оваа е втор пат проектот Скопје 2014 да биде мета на обвинителска истрага. Првата истрага ја отвори јавното обвинителство во 2013 година по доставените ревизорски извештаи во кои беа нотирани нерегуларности во тендерските постапки. Жерновски тврди дека има тригодишен молк од Основното јавно обвинителство за постапката поврзана со ревизорските извештаи за овој проект.

Од основното јавно обвинителство велат дека истрагата сè уште е отворена.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG