Достапни линкови

Ќе доведат ли реформските закони до независно судство?


Архивска фотграфија - Собрансиска седница.
Архивска фотграфија - Собрансиска седница.

Реформските закони кои се носат во Собранието може да се напишат и да се изгласаат, но некој потоа треба и да ги применува. Судските реформи се приоритетни и треба да ја приближат земјата кон ЕУ. Од нив во голем дел ќе зависи какво судство ќе имаме во иднина.

Пратениците го усвојуваат пакетот на реформи во правосудниот систем. За дел од реформите постои консензус, односно на нивно усогласување работеле групи од власта и од опозицијата. Учеството на пратеници од опозицијата е од особена важност оти клучните реформски закони се носат со двотретинско мнозинство. Станува збор за дополнувања на Законот за судовите, за јавното обвинителство и Законот за кривична постапка, како и измени и дополнувања на законот за Заштита на сведоци. Од овие закони на долг рок ќе зависи какво судство ќе имаме, велат упатените.

Измените на Законот за судовите се однесуваат на одговорноста на судии и за санкции за нив доколку не си ја вршат работата, а со кои треба да се постигне независно судство.Дел од реформскиот пакет е и Законот за заштита на сведоци, на кој долго инсистира СЈО. Со овој закон ќе ѝ се овозможи на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева да може сама да одлучува за вклучување на луѓе во програмата за заштита на сведоци, за предмети коишто се во надлежност на СЈО.

Судските реформи се дел од владиниот план 3-6-9 и се гласаат непосредно пред ЕУ на 17 април да го објави извештајот за напредокот на Македонија. Реформскиот план владата го објави на почетокот на јули минатата година, и тој треба да и помогне за сериозен пробив кон ЕУ. Иако според владиниот план за реформи, со законите требаше да се заврши до крај на март, сепак реформите кои зависат од парламентот, станаа заложник на собранискиот бојкот и законот за јазиците. Последното одложување беше неделава, односно беа закажани седниците во вторник, па одложени за четврток.

Претставници на ЕУ неколкупати нотираа дека реформите во судството, јавната администрација и на разузнавачките служби, се области во кои се потребни конкретни резултати. Реформите се правени според препораките на експертот Рајнхард Прибе. По објавувањето на извештајот на ЕУ на 17 април, следниот ден се очекува Македонија да ја посетат шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Но носењето на законите е само еден чекор, допрва следуваат клучните реформски процеси. Луѓе кои ја следат оваа област изминатите месеци често посочуваа да се не прават само површински реформи. Според упатените, реформите треба да почнат од луѓето вклучени во процесот, оти како што велат аналитичарите, тие долго време биле под притисок на власта. Рефоромите може да се напишат и да се изгласаат, но потоа треба некој да ги примени, а тука е проблемот, вели поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски.

„Прво луѓето во правосудството треба да го сменат менталитетот во размислувањето. Дека треба исклучиво да му се биде роб на законот, на правдата и на сопствената совест. Ако го промени начинот на размислување, ќе го премени и начинот на работа“, вели Трпеновски.

Друг проблем кој го нотираат аналитичарите е пристрасноста на оние кои делат правда, односно нивното позиционирање кон моментална политичка структура.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се врати во Собранието, по неколкумесечниот бојкот поради апсењето на нивни пратеници за поврзаност во насилствата во Собранието на 27 април. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието учествуваа само за Законот за јазиците. По враќањето во Парламентот поднесоа интерпелација за работење на Владата, но не им помина.

Неодамна вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи рече дека реформите се комплексни, но важно е да се спроведат и да се рефлектираат во секојдневното однесување на судиите, вработените во администрацијата, безбедносните служби, избраните функционери итн.

На предлози за средување на состојбите во правосудството работеше Совет за реформи во правосудството, но експерти кои учествуваа во тоа тело јавно изразија незадоволство од работењето, по што се повлекоа. Потоа беше формиран нов правен совет на чело со премиерот Зоран Заев.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG