Достапни линкови

Законите пред пратениците, клучните реформи допрва следат


По празниците, пратениците ќе расправаат за законот за судови и законот за судски совет, кои се дел од реформските приоритети. Неколку дена потоа Европската комисија ќе го објави извештајот за напредокот на земјата, во кој упатените очекуваат да бидат поздравени реформските напори во клучните области.

Предлог решенијата на Законот за судови и Законот за судски совет следната среда ќе бидат на тест пред македонските пратеници. Токму за тие два закона свои забелешки дале и членовите на Советот за следење на имплементацијата на реформи во правосудството. Нивните забелешки се во насока на одговорноста на судиите и членовите кои се однесуваат на нивната заштита, а со цел постигнување на поголема независност на судството. Од владата информираат дека заложбите на Советот се во согласност со извештајот на Прибе, во кој се сугерира судиите да се оценуваат исклучиво врз основа на донесените пресуди.

Собраниската расправа по предложените измени ќе се случи на неколку дена пред извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата земја на 17-ти април, а ден потоа во Скопје ќе пристигнат и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини. Од Институтот за европска политика очекуваат конкретните закони да се донесат многу брзо, за што велат дека е очигледно дека веќе постои консензус.

„За клучните реформски закони особено за системските закони како законот за судови е потребно двотретинско мнозинство и очигледно дека е потребна опозицијата. Дополнителна тежина за враќањето на опозицијата е тоа што за ваквите клучни закони потребна е поширока јавна расправа. Овие закони дополнително ќе влијаат на долг рок какво судство ќе имаме. Овие два закони плус законот за академија на судии и јавни обвинители се клучните закони во правосудството кои беа посочени во извештајот на Прибе“, вели Ива Цоневска од Институтот.

Таа додава дека клучните реформски процеси допрва ќе следат. Во однос на претстојниот извештај од Институтот за европска политика очекуваат Комисијата да ги поздрави напорите кои се направени во клучните области. Прашањето дали ќе добиеме препорака останува отворено.

„Препораката би можела да биде условена од името и евентуално од трите области клучни за реформите, а тоа се правосудство, јавна администрација и безбедносни служби“, потенцира Цоневска.

Токму во насока на непречено спроведување на итните реформски закони се толкува и враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и политичкиот договор меѓу власта и опозицијата за одредени прашања. Според извори во владејачката партија, веќе е договорен пакетот реформски закони во правосудството, Законот за судски совет, претседател на Државната изборна комисија да се бира по предлог на опозицијата, а во меѓувреме да се отвори дебата за Изборниот законик од која ќе произлезе најдоброто решение за составот на комисијата, а било отворено и прашањето за финансирање на партиите од државниот буџет. Од партијата додаваат дека во рамки на политичкиот дијалог, работни групи од двете партии работеле околу усогласување и на законот за следење на комуникациите и за таканаречените укажувачи.

Неодамна вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи оцени дека извештајот на Унијата истовремено ќе претставува финале на планот на 3-6-9. Тој изјави дека од претстојниот извештај очекува валоризација на целиот досегашен труд и чиста препорака за почеток на преговори за полноправно членство.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG