Достапни линкови

На судството му требаат суштински, а не козметички реформи


Реформите во судството се површни и нивната реализацијата засега е мала, оценуваат правните експерти. Дел од нив посочуваат дека реформите треба да почнат од менталниот склоп на луѓето кои се вклучени во процесот, а кои долго време биле под притисок на власта

Козметички наместо суштински реформи. Оваа оценка на дел од правните експерти се однесува на домашната работа во делот на правосудните реформи, кои за Македонија се на листата на приоритетни. Реформите во оваа област се површни, а загрижува тоа што се проследени и со скандалозни одлуки во некои од судските органи, посочуваат упатените.

„Овие постапки во начинот на спроведување на реформите во правосудството се прават многу тактички и постепено, иако за волја на вистината, од она што е предвидено во акцискиот план 3-6-9, во овој момент е многу малку реализирано. Се работи за еден или два законa кои се донесени или изменети. Знаеме за укинување на Советот за утврдување на факти, префрлање на надлежностите во Судскиот совет сега повторно, и накратко тоа е сè од реформите. Имаме системски реформски закони кои е нужно да се променат, каде е тука статусот на СЈО кој во овој момент никој не го споменува, значи концентрацијата во овој момент е површинска“, изјави Натали Петровска, извршен директор на Коалиција за правично судење.

Дилемата дали поседуваме морален и професионален капацитет да ги спроведеме реформите докрај и да ја промениме перцепцијата во јавноста за ниската доверба во судството повторно ја отворија последните одлуки во Советот за јавни обвинители, за кои критики стигна и од американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли.

Најпрво претседателот на Советот Коле Штерјев гласал за да биде избрана неговата внука за обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Вториот случај поврзан со Советот, е оној во кој обвинителката Фиданка Рајевска гласала кога точка на дневен ред бил изборот на нејзината колешка Лидија Раичевиќ, која, пак, е обвинителка во предмет кој е индиректно поврзан со Рајевска, односно се води истрага за нејзиниот сопруг. Се работи за предметот „Банки“, во кој се вклучени неколку големи македонски банки кои креирале фиктивни шеми на должничко-доверителски односи.

И за двата случаи се заинтересира и отвори предмети Антикорупциската комисија.

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека проблемот со реформите во судството лежи во менталитетот и начинот на размислување на луѓето и фактот што професионалци долго време работеле под притисок.

„Има луѓе кои можат да се зафатат со реформите, но им треба време. Затоа што може да е предложи некоја реформа, да се напише, да се усвои од одредена комисија, но таа ќе треба да се примени од страна на носечките кадри кои биле во претходната влада. Ете тука е проблемот. Мислам дека и понатаму останува непотизмот како една негативна појава, како и кадровските решенија коишто се уште не се резултат на мерит системот, туку на нешто коешто излегува надвор од тоа што сакаме да биде, а тоа е да се биде квалитетен и чесен во извршувањето на задачите“, изјави Трпеновски.

Трпеновски го критикува однесувањето на својот колега Штерјев и очекува ваквото однесување да послужи како пример како не треба да се однесуваат и другите обвинители во Советот.

„Мислам дека искуството со ДИК ќе изврши влијание и тука кај луѓето коишто постапуваат на начин којшто не е соодветен и не е прифатлив. Мислам дека ќе има позитивно влијание оваа критика во јавноста и дека ќе се преиспитаат и членовите на Советот на јавни обвинители за во иднина да не го прават истото што досега го правеле“, изјави Трпеновски.

И Петровска се согласува дека реформите најпрво треба да се случат во менталниот склоп на професионалците во институциите. Она што исто така недостига е праведноста и правичноста во судските постапки, нагласува Петровска.

„Двојните аршини за наша несреќа се уште не се нивелирани, односно се уште судските органи функционираат на оној чуден начин во насока на позиционирање кон моменталната политичка структура“, изјави Петровска.

Во изминатиот период и работата на Советот за реформи во правосудството не помина без проблеми. Откако се распушти претходниот состав на Советот, од кои некои експерти си поднесоа оставки поради тоа што нивните сугестии не биле прифатени, неодамна се формираше нов правен совет за реформи на чие чело е премиерот Зоран Заев. Во него членуваат и првите луѓе на Кривичниот, Апелацискиот и Врховниот Суд, јавниот обвинител Љубомир Јовески и специјалната обвинителка Катица Јанева.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG