Услов за натамошно приближување на Македонија до членство во ЕУ е да дојде до видливо и постојано подобрување на односите со соседите, велат експертите и додаваат дека главен предизвик претставува надминувањето на комплексното минато.
Континуитет во најавите на оваа Влада дека е решена да продолжи да гради добрососедски односи со сите нејзини соседи претставува заедничката седница со Владата на Албанија во Поградец в петок. Оваа недела премиерот Заев беше и во прва официјална посета на Косово, а претходно владите на Македонија и Србија се договорија да одржат заедничка седница кон крајот на февруари следната година. Актуелен е договорот за добрососедство со Бугарија, а во меѓувреме, прашањето за спорот за името останува реален проблем кој се јавува и како главна пречка на нашиот евроинтегративен пат. Но, процесот на стабилизација и придружување предвидува и дополнителни услови во вид на регионална соработка и исполнување на меѓународните обврски, велат аналитичарите.
„За Македонија долго време добрососедските односи беа еден од условите. Точно е дека во добрососедски односи влегува и решавањето на спорот за името, но тоа не може да значи дека е единствената работа која треба да ја направиме. Процесот за Стабилизација и асоцијација, според Европската комисија, требаше да подразбира регионална соработка и поврзување на државите кои се дел од процесот, така што ова за Македонија претставува чекор во вистинска насока“, вели Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование.
Критериуми врз основа на кои може да се утврди во колкава мера една земја е подготвена за прием во Европската унија се таканаречените копенхагенски критериуми кои се политички, економски и административни. Без независно судство, одлучна борба против корупцијата и криминалот и реформирање на администрацијата приемот не е можен. Стојковски вели дека политиката на затоплување на односите со соседите е вистински чекор на Македонија за подобро позиционирање на државава спроти следниот извештај на ЕК за напредокот на земјава на нејзиниот пат кон Унијата.
„Реално, ова е суштински дел на реформите во политичкиот критериум зашто во рамки на политичките критериуми влегуваат и односите со соседите и меѓународната положба на државата. Ако Македонија преговараше или ако веќе беше целосно влезена во процесот на пристапување, ова ќе беа суштински услови за напредување во тој процес. За отворање на преговорите виз-а-ви следниот извештај на ЕК ова е вистински чекор“, вели Стојковски.
Во Западен Балкан постојат низа предизвици кои треба да се решат на регионално ниво.
Аналитичарот Рамадан Рамадани вели дека e неизбежно да се охрабруваат земјите тие прашања да ги решаваат пред влезот во ЕУ. Според него, реално е остварлива идеjата за добрососедски односи на Балканот и покрај предизвиците.
„Реална е. Во регионот има и други земи кои биле во полоша состојба од нас па соработуваат. Дури и Грција и Албанија, но тоа не ги спречува за соработка. Ако влеземе во такви интенции со соседите може само добро да ѝ се случи на Македонија“, вели Рамадани.
Во меѓувреме, премиерот Заев со неговиот косовски колега Рамуш Харадинај деновиве најави продлабочување на односите со Косово и меѓународна истрага за Диво Насеље. Во јавноста е актуелен и договорот за добрососедство со Бугарија.
„Еден од најголемите предизвици останува внатре да се образложат и објаснат овие соработки зашто нешто што нема да се објасни убаво нема да се рефлектира потоа во спроведувањето. Така е со Бугарија, со Албанија, па и со Србија“, вели Рамадани.