Достапни линкови

Заеднички владини седници за решавање заеднички проблеми


Архива - Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишуваат договорот за добрососедство на 1 август 2016
Архива - Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов го потпишуваат договорот за добрососедство на 1 август 2016

Заедничките седници на македонската влада со владите на соседните држави отвораат можности за разгледување и решавање на одредени отворени прашања, комантираат експерти. Тие велат дека ваквите иницијативи се поздравени од меѓународната заедница која инсистира да бидат решени меѓусебните проблеми.

Идејата за одржување заеднички седници меѓу две влади не е непозната кога станува збор за односите меѓу соседни земји, а ефектот од нив може да биде подобрување на добрососедските односи, но и во однос на постигнување конкретни договори за важни прашања поврзани со нивното функционирање, вели поранешниот амбасадор Благој Зашов.

Коментарите доаѓаат во пресрет на утрешната заедничка седница меѓу владите на Република Македонија и Република Бугарија, која ќе се одржи во Струмица.

Исто така македонската влада за следниот период најави заедничка седница со владата на Република Албанија, како и со владата на Република Србија кон крајот на февруари следната година.

„Кога сме соседи, има многу прашања кои треба да се регулираат. Така што едно е да се направи посета на премиер во една држава, а друго е одржување заеднички седници на влада. При оваа форма на соработка, со одржување заеднички седници, покрај официјалните разговори, во исто време се дава можност и одделни министри да ги разгледаат актуелните прашања меѓу двете земји и на тој начин да дадат, или конкретни решенија, или идеи како во иднина да се решаваат заеднички проблеми“, вели Зашов.

Тој додава дека овие идеи се поздравени од меѓународната заедница, бидејќи, како што вели, Европската унија инсистира да бидат решени меѓусебните проблеми, недоразбирања и спорови кои постојат меѓу земјите членки на ЕУ, но и меѓу земјите кои се кандидати.

Според професор Беким Кадриу од Правниот факултет на Универзитетот во Тетово, овие иницијативи меѓу владите покажуваат знак на добра волја за регионална соработка. Тој вели дека седниците не се само симболични и оти од нив можат да произлезат определени спогодби за кокретни прашања.

„Можат да произлезат определени конкретни заеднички проекти, меѓутоа сепак мислам дека главната цел генерално е да се подобри соработката меѓу владите, да се покаже добра волја за евентуално решавање на спорови кои постојат, да се разговара и да се решат таквите билатерални спорови и се разбира поддршката што меѓународната заедница ја дава за интеграцијата на целиот Балкан во Европската унија, мислам дека и тоа зазема определено место“, вели Кадриу.

Тој додава дека ваквите контакти меѓу земјите можат најмалку да бидат поддржани од ЕУ и со тоа генерално ќе се покаже подобра атмосфера и заеднички интерес за интеграциските процеси на земјите во регионот, односно за заедничата цел членство во Европската унија.

Од македонската Влада информираат дека на првата заедничка седница со Владата на Бугарија ќе започнат со работа на конкретни проекти, дека двата кабинета ќе ги рагледуваат можностите за активирање на односите меѓу министерствата за надворешни работи, интеракција и меѓусебна помош при катастрофи, поддршка во обука и подготовка на војниците од вооружените сили на Македонија, соработка во областа на телекомуникациите, инвестициите и енергетиката.

Билатералните документи ќе бидат потпишани врз основа на постигнатите спогодби и врз основа на Договорот за пријателство, соработка и добрососедство, наведуваат од Владата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG