Како израз на добра волја и решеност во борбата против корупцијата, ректорите на сите универзитети во земјата денеска ставија потпис на Декларацијата „Универзитет без корупција“. Министерката за образование Рената Треневска-Дескоска потенцира дека, како и секоја област, така и универзитетите, не се имуни на корупцијата. Сепак, додаде дека во борбата против неа не треба да се откажуваме.
„Законот за заштита на укажувачите е само една правна можност која креира механизами за борба против корупцијата. Факт е дека е потребен системски пристап кој ќе овозможи превентивно делување заради создавање антикорупциски амбиент кој или ја исклучува можноста за корупција или ја чини до толку казнива и неисплатлива, што тешко дека некој ќе се одлучи за неа“, рече Дескоска.
Министерката смета дека превенцијата треба да се заснова на концепт на целосна транспарентност на сите процеси на Универзитетот.
Заменик амбасадорот на Соединетите Држави, Михаела Шварцер Блум, изјави дека борбата против корупцијата подразбира решителност на сите чинители во општеството.
„Вашите заложби покажуваат дека сте подготвени да ги насочите институциите во друга насока, таму каде што владеењето на правото се почитува. Денешната декларација е само парче хартија. Важно е што ќе направите со него“, рече Блум, додавајќи дека силните демократски институции, независното судство ја правата корупцијата потешко достапна.
Ректорите денеска беа пријатно изненадени кога од министерската лично го добија најновиот закон за високо образование, кој во следните денови ќе биде достапен за јавноста и отворен за сугестии и критики. Меѓудругото, во него се вклучени неколку нови механизми кои ќе придонесат во намалување на корупцијата во образованието. Еден од таквите контролни механизми ќе биде поставување на „овластено лице“ кај кое студентите ќе може да пријавуваат корупција анонимно, а кое потоа ќе треба да го информира Сенатот за својата работа
„Ние имаме проблем што досега немаме имплементација и на постојните казни. Постојат казни предвидени во Кривичниот законик коишто не се лесни казни, но за жал не сме имале механизами коишто ефективно работеле и ги процесуирале тие пријави или сомневања што ги имале“, изјави Дескоска.
Ректорот Никола Јанкуловски вели дека не може да се каже во кој обем корупцијата е присутна во високото образование.
„Никогаш не можеме да го знаеме вистинскиот обем на корупцијата затоа што добар дел од тие работи не се манифестираат во јавноста поради разни причини. Секогаш кога ќе се насети дека постои некое отстапување, во смисла на коруптивно однесување на кој било член од академската заедница, ние како универзитет реагираме жестоко и се трудиме да спречиме евентуални појави“, изјави ректорот Јанкуловски.
Во меѓувреме во рамките на основните и средните училишта министерство веќе организира обукa за антикорупциска едукација. Бидејќи Универзитетот ужива автономија, министерката најави дека од ректорите ќе побара да се одржи едукација и на факултетите, во рамките на превентивната стратегија во борбата против корупцијата, а со цел студентите да се информираат за нивните права доколку забележат таква појава во кругот на Универзитетот.