Достапни линкови

Реконструкција на Владата за зацврстување на мнозинството


Архива: Седница на Владата на Македонија.
Архива: Седница на Владата на Македонија.

Зацврстување на мнозинството кое Владата го има во Собранието е една од главните причини за најавената реконструкција на Владата, коментираат аналитичари. Тие исто така велат дека е можно премиерот Заев да да предложи замена на некои од министрите.

Најавената реконструкција на Владата може да се случи поради две причини: прво за проширување на владината коалиција со нови партнери, како што најави премиерот Зоран Заев, но исто така може да се направи и поради слабите резултати на дел од владиниот тим, вели професор Никола Дујовски од Универзитетот Климент Охридски.

Коментарите доаѓаат откако од владејачката СДСМ деновиве најавија дека претседателот на партијата Зоран Заев започнува разговори со други политички субјекти за зголемување на парламентарнoто мнозинство во насока на поширока поддршка за започнатите реформски процеси.

„Иако не верувам дека тие нови партнери би имале толкава политичка моќ за да можат да добијат министерско место, или евентуално едно. Ако во тој правец се гледа реконструкцијата, веројатно би можеле да добијат некои дополнителни директорски места или во пониските ешалони, меѓутоа министерски места не“, вели Дујовски.

Тој додава дека доколку претседателот на Владата Заев процени дека некој од министрите не е во контекст со програмата на Владата, дека не успева до крај да ги покаже капацитетите во ресорното министерство, целосно право има да предложи негова промена.

„Веројатно најавената реконструкција ќе биде комбинација од двете прашања, и проширувањата со нови партнери во владината коалиција, но и дел од луѓето од кои што еве еден минатата недела замина, можеби како причина за подготовка на реконструкцијата“, вели Дујовски.

По седницата на Централниот одбор на СДСМ одржана викендов, Заев порача дека оваа недела започнува разговори за зголемување на парламентарното мнозинство.

„Целта е, преку разговор со други политички субјекти да обезбедиме поширока поддршка на реформскиот процес и на реализација на Планот 3-6-9. Во оваа насока оставаме простор, преку политички дијалог и со опозицијата, клучните закони, за кои е потребно пошироко мнозинство, да бидат донесени и со учество на опозицијата“, рече Заев.

Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири смета дека главната причината за најавената реконструкција е да се зацврсти мнозинството кое Владата го има во Собранието, а помалку поради слабите резултати на одредени министри или директори.

Во функционирањето на Собранието се примети дека неколку закони и некои реформи беа одложени токму заради немање кворум или немање на доволен број на пратеници да гласаат за истите. Истовремено видовме дека Собранието функционира со тешкотии заради ова тенко мнозинство, кое особено беше нагласено по излегувањето од Владата на Алијансата за Албанците“, вели Незири.

Тој вели оти не очекува поголеми промени во министерствата, односно, според него, можни се повеќе рокади, особено доколку во Владата пристапат повеќе коалициони партнери.

Заев повеќе пати во изминатиот период најавуваше реконструкција на Владата, посочувајќи дека очекува зголемување на парламентарното мнозинство.

Во оваа насока Заев на средината на месецов рече дека почнувањето на процесот ќе значи испраќање сериозна порака дека Владата има намера преку посилно и стабилно мнозинство во Собранието да носи сериозни одлуки во Македонија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG