Достапни линкови

Оставката на Саљији - личен чин или договор меѓу владините партнери?


Владата тврди дека оставката на министерот за правда Билен Саљији е негова лична одлука која нема да ги забави реформите во правосудството. Експертите, пак, не исклучуваат дека оставката може да е поврзана со најавената реконструкција во Владата.

За Владата, оставката на министерот за правда Билен Саљији е негов личен чин поднесен од морални причини. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека судската власт е независна и оставката нема да ги закочи започнатите реформи во правосудството.

Судската власт е независна и таква треба да остане. На реформите во правосудството нема да влијае, бидејќи во ниту еден момент ништо нема да биде закочено. Оставката ја поднесе како негов личен чин бидејќи чувствува морална одговорност за губење на довербата во однос на одредени делови од реформите во правосудството, случајот со малиот Алмир итн.“, изјави Бошњаковски.

Од Владата не прецизираат дали оваа оставка ќе ја забрза владината реконструкција која неодамна ја најави премиерот Зоран Заев. Оттаму велат дека процесот на можно зголемување на парламентарното мнозинство е во тек, а детали ќе има откако тој ќе заврши.

Дел од домашните аналитичари не се сомневаат во личните причини на министерот да ја напушти власта, додавајќи дека сепак не е исклучено тој да проценил оти во овој период не може да го даде својот максимум.

Можно е да е негова лична одлука, можно е да е поврзано само со тој случај, но имајќи го предвид временскиот контекст во кој сме и најавените активности коишто мораат да следат во тој ресор, можеби самиот проценил дека не може да се носи со сите тие обврски и затоа е чесно што се повлекува. Не би рекол дека ќе има реперкусии по владата затоа што најавена е реконструкција, па јас би ја поврзал неговата одлука и со тоа“, изјави универзитетскиот професор Никола Дујовски.

И Дујовски е убеден дека оставката на министерот нема дополнително да го закочи процесот на спроведување на реформи во правосудството. Реформите во оваа област, кои меѓудругото се во делот на итните реформи приоритети, не зависат од поединец, туку се стратешка определба на државата, вели Дујовски.

Процесот на реформи не може да зависи од поединец, па макар тој бил и министерот. Процесот на реформи е стратешка определба на државата во која се вклучени многу институции, меѓутоа судството и обвинителството се тие кои треба да се реформираат. Министерството овдека има, ајде да не речам мала, меѓутоа има улога која ја имаат и другите институции неповрзани со него. Не очекувам дека оставката на министерот би ги забавила процесите кои и онака се млаки и бавни,“ заклучува Дујовски.

Во своето обраќање до јавноста Саљији објасни дека оставката е мотивирана од неуспехот околу случајот со малиот Алмир, односно поради одлуката јавниот обвинител да го преквалификува обвинението за него. Саљији додаде дека е важно граѓаните да имаат доверба во институциите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG