Достапни линкови

Хан - граѓаните заслужуваат некорумпирано судство


Хан-му верувам на Прибе за реформите
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:14 0:00

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за Радио Слободна Европа вели дека во однос на најавените судски реформи целосно му верува на експертот Рајнхард Прибе и неговиот тим. Во врска со СЈО тој вели дека сега е на владата да дискутира за тоа како натаму.

Процесот на реформи во правосудниот систем е во почеток и не сакам однапред да отворам дискусии, вели во интервју за Радио Слободна Европа еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. Најавата на премиерот Зоран Заев дека ќе се врши реизбор на судии, се чини најмногу ја предизвика ВМРО-ДПМНЕ. Партискиот претседател Никола Груевски на средбата со еврокомесарот пренел дека тоа е загрижувачка тенденција зад која се крие, како што наведоа во соопштението, желбата за влијание и партизација на судството, нешто со што директно се загрозува демократскиот амбиент.

Хан, пак, на прашањето каков е ставот за најавените реформи во правосудството, особено за реизборот на судии, вели дека му верува многу на експертот Рајнахрд Прибе и неговиот тим да го разгледале тоа и како што додава, да најдат соодветно решение кое ќе одговора на потребите на земјата.

„Тоа што апсолутно е потребно да се врати довербата во независното судство, квалитетот на судството. Јас мислам дека тоа е и целта на луѓето што работат во него, обвинители, судии, државни службеници и мислам дека тоа е исто така нешто што граѓаните на земјата го заслужуваат, да може да се потпрат врз функционално, транспарентно и некорумпирано судство“, вели Хан.

Според универзитетскиот професор Осман Кадриу, поради критичната состојба во правосудството работите требало да се одвиваат брзо. Тој смета дека владата преку парламентарното мнозинство треба да оди на разрешување на судии и јавни обвинители врз основа на, како што вели, одговорност, вклучувајќи ги и двата најважни органи - Судскиот совет и Советот на обвинителите.

„Без разрешување конкретни лица кои правеа сериозни проблеми во спроведување на правото и злоупотреба на функциите ние тешко можеме да сметаме дека ќе се реши и политичката криза“, вели Кадриу.

Во однос на тоа колку е важно за борбата против криминалот и корупцијата случаите на Специјалното јавно обвинителство да добијат разврска Хан вели дека има закон и дека институциите треба да имаат време кое им е потребно да ги спроведат сите работи.

„Сега на владата е да дискутира како ова може да биде пролонгирано, да биде пренесено или која и да е идната конструкција. Уште еднаш, важно е луѓето да имаат впечаток, ако сакате, да бидат уверени дека сите криминални случаи целосно се истражени и ако има потреба за обвиненија тие да бидат завршени, да бидат заведени и да има судски случаи и ако неопходно е да има казни, пресуди итн. Се работи за целиот судски систем кој треба да функционира“, вели Хан.

Акцискиот план на Владата, кој според најавите на премиерот Зоран Заев треба да биде готов до први јули, ќе го содржи планот за реформи во клучни области: владеење на правото, професионални државни институции, независни регулаторни тела и слободни медиуми.

Експертот на Европската унија Прибе со својот тим, работата ја почна со состанок со министерот за надворешни работи, Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG