Достапни линкови

Хан и Прибе идната недела ќе и дадат итни задачи на Владата


Премиерот на РМ, Зоран Заев и евро-комесарот Јоханес Хан. Брисел, 12.06.2017
Премиерот на РМ, Зоран Заев и евро-комесарот Јоханес Хан. Брисел, 12.06.2017

По обидите на новата влада да ги подобри односите со соседите Грција и Бугарија, експертите посочуваат дека има неколку важни реформи кои дома треба итно да се спроведат за да се напредува кон евроатлантските структури.

Нацрт планот на владата за отстранување на сите пречки за влегување во Европската унија е речиси готов, а се очекува да се допрецизира по посетата на еврокомесарот Јоханес Хан в понеделник и по внесувањето на сите забелешки од министерствата поврзани со европските прашања, брифираат извори од владата кои најавуваат дека потоа планот ќе биде и јавно објавен. Упатените, пак, посочуваат дека клучните работи што треба да се направат брзо се поврзани со неколку области. Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, се работи за два приоритетa поврзани со европската агенда.

„Пред сè треба да се зајакне надзорната улога на Собранието врз регулаторните тела, да се зајакне судството, пред сè изборот на судии и контролата што ја има Судскиот совет и Советот на јавни обвинители“, вели Трошановски.

Според него, областите како департизација на администрацијата, иако се важни, сепак се процес од кој за кратко време не може да се очекуваат резултати.

Ардита Абази-Имери од Институтот за европска политика, пак, споменува три клучни елементи. И за неа најважно е реформата на правосудството за што е потребен, како што вели, инклузивен процес во кој ќе бидат вклучени и граѓанските организации. Друга многу важна работа, нагласува Абази-Имери е да се ослободат заробените институции, термин кој многу често беше користен за да се опише партиската контрола врз државниот апарат.

„Сега треба да се направат напори за да се одвои државата и партијата. Фокусот треба да биде на владеење на правото и препораките на Прибе, а особено областа на следење на комуникации, треба да има функционален судски и парламентарен надзор“, вели Абази-Имери.

Сепак, ставот на премиерот Зоран Заев дека очекува отстранувањето на условената препорака за Македонија за зачленување во Унијата на есен годинава и добивање датум за почеток на преговори во 2018 година, за неа е преамбициозна. Тоа што може да се очекува, смета Абази-Имери, е ако се забележи напредок до крајот на годинава да се најде некаков модалитет да се отворат поглавјата 23 и 24.

Според Трошановски, пак, сепак и за тоа ќе треба да се почека напредокот во преговорите за спорот за името со Грција. Официјална Атина останува пречка и таму засега нема суштинска волја за промена на работите, смета тој.

„Не очекувам да се случи евроатлански напредок, како отворање поглавја, така и НАТО членство додека името не се реши, односно не се стави на референдум некакво компромисно решение“, вели Трошановски.

Инаку, покрај еврокомесарот Јоханес Хан, идната недела во Скопје се очекува да пристигне и експертски тим предводен од Рајнхард Прибе. Со него би требало да се утврдат конкретни мерки, чекори и временската рамка до кога ќе треба да бидат заокружени задачите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG