Достапни линкови

Бројни приоритети за реформи во правосудството


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Неопходни се длабоки реформи во правосудството, новата влада првично треба да направи прецизна анализа, увид во состојбите и да определи период и активности за надминување на проблемите, велат познавачите.

Реформите во правосудството треба да бидат поделени на строго приоритетни, приоритетни и долгорочни, вели поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски. Тој наведува оти брзо треба да се детектираат досегашните грешки во судството, за да се направат промени во законите и во начинот на однесувањето на судиите.

„Скоро слушнавме со какви состојби се соочува Академијата за судии и јавни обвинители, односно неможноста после долг период да се конституира тој нивен управен одбор и сите други слабости, кои како што гледаме, произлегуваат од овие институции кои треба да создадат услови за независно и самостојно судство, напротив тие институции како да не ја спровеле својата задача. Тоа се Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, Академијата за судии и јавни обвинители и Министерството за правда, кое мислам дека ќе има најтешка и најодговорна задача“, вели Ивановски.

Приоритети се реформа во Јавното обвинителство, создавање услови за функционирање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и брзо основање на одделение во Кривичниот суд кое ќе работи на предметите од СЈО, вели Иваносвски додавајќи дека исто така треба да се прифатат местото и улогата на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, вели Ивановски.

Универзитетскиот професор Осман Кадриу смета дека прашањето е сложено и согласно состојбите, треба да биде спроведено во релативно кратко време. За решавање на правните проблеми, вели тој, на почеток треба да има разрешувања по основ на одговорност, кои не смеат да добијат белег дека се прават според партиски критериуми.

„Ние во конкретни судови имаме конкретни појави, познати се и носителите на судската и на обвинителската власт, кои постапувале и постапуваат противзаконски и за нив треба веднаш да се поведе постапка за одговорност по основ на разрешување, за да може предметите кои се оформени во СЈО и тие кои допрва ќе се оформат да добијат правна разрешница. Ако има проблеми околу Судскиот совет, бидејќи тој треба да поведе постапка за одговорност, и во Советот на обвинителите треба да се изврши интервенција и да се бара нивна конкретна и лична одговрност“, вели Кадриу.

Коментирајќи ги најавите на премиерот Зоран Заев дека во судството треба да се направи целосен реизбор, Кадриу вели оти тоа е долгорочен процес, бидејќи за резибор на судии треба да се интервенира во закони кои се носат со двотретинско монозинство, што овој состав тешко може да го обезбедни, вели тој.

Одвојувањето на партиите на власт од државата е нешто кое се споменува во низа досегашни извештаи на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Во однос на ова прашање, Ивановски вели дека политичките партии треба да сфатат дека не смеат да се мешаат во оваа функција на власта и тоа треба да биде главен ориентир на патот кон Европската унија.

Во однос на реформите во судството премиерот Зоран Заев пред изборот на новата Влада најави дека нејзиниот прв итен приоритет ќе бидат реформи и промени во оваа сфера.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG