Охрабрувачка порака до владата за досега спроведеното и преземеното, со напомена дека реформите мора да продолжат и порака до опозицијата да се вклучи во процесите упати генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во своето 15 минутно обраќање во Собранието. Ги поздрави потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, носењето на Законот за употреба на јазиците, но сепак неколкупати спомена дека важно е решавање на спорот за разликите за името со Грција.
Земјите членки се импресионирани од вашата посветеност и ентузијазмот за да се приклучите на Алијансата, сакам да успеете и НАТО сака да успеете, рече Столтенберг, сепак нагласувајќи дека е добро е да се биде амбициозен, но важно е, како што рече, да се биде и реален.
„Има уште работа што треба да се сработи. Ова секако значи решавање на прашањето за името на вашата земја. Ова е прашање коешто му тежи на овој регион и на оваа земја веќе предолго време. Оттука ја поздравувам волјата на вашата влада којашто е покажана за да се разреши ова прашање“, рече генералниот секретар пред полната собраниска сала.
Таму беше и претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, дипломатскиот кор, но и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ја бојкотираат работата на парламентот поради приведувањата за настаните од 27 во Собранието.
Столтенберг два пати во своето обраќање ги спомена случувањата пролетта лани. Пред девет месеци се приближувавте кон работ на една карпа, а оттогаш претворивте една држава од потенцијална нестабилност кон држава на реална можност и денеска вратата е отворена, рече генералниот секретар.
„Настаните во оваа зграда во април минатата година во самата оваа сала ме шокираа, но претставуваа шок и за сите членки на НАТО. Сепак, бевме импресионирани од она што го видовме од тој ден натаму, од напредокот што го направивте. Сакам да го признаам напредокот што сите го сторивте“, рече Столтентеберг.
Неговиот говор предизвика аплауз од присутните, вклучително и од истакнатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ како поранешниот претседател на партијата Никола Груевски и сегашниот координатор на пратеничката група Владимир Ѓорчев.
Додека Столтенберг беше во зградата на Парламентот пред неа околу педесетина луѓе протестираа и собираа потписи против, како што велат, носењето на некои закони и промената на името.
Столтенберг во Македонија пристигна вчера. Претпладнево тој се сретна со министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска-Јанковска, претседателот Ѓорге Иванов. собранискиот спикер Талат Џафери, како и претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на ДУИ Али Ахмети. Посетата ја завршува во Владата со средбата со премиерот Заев.