Во пресрет на вечерашните разговори за името посредникот во спорот меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, изјави дека на повидок е можно решение.
Специјалниот претставник на Обединетите нации во изјава за дописникот на МИА оценил дека со зачестените средби на министрите за надворешни работи на двете земји, се создала позитивна атмосфера со помалку тензии и отсуство на критички коментари, па затоа на повидок е можно решение.
И додека од Њујорк, каде што доцна попладне по македонско време е најавена средбата на Нимиц со претставниците на Македонија и на Грција се очекуваат вестите, во Скопје пристигнува генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Тој во Македонија ќе престојува два дена, а утре ќе има прес-конференција со премиерот Зоран Заев. Напладне, пак, ќе им се обрати на пратениците во Собранието. Обраќањето на Столтенберг всушност треба да претставува охрабрување до целото општество, смета политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
„Мислам пораката е дека во овој период во кој се креира атмосфера оти е можно надминување на спорот со Грција сите чинители треба да го одработат својот дел и нашето општество да не влезе во некои потензични ситуации“, вели Муслиу.
Покрај со Заев, Столтенберг ќе се сретне и со претседателот Ѓорге Иванов, со министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шеќеринска, со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и со лидери на други политички партии. Од ВМРО-ДПМНЕ кои ја бојкотираат работата на парламентот поради приведувањето на нивни пратеници, членови и други поврзано со крвавите настани од 27 април во Собранието, најавија дека ќе присуствуваат на неговото обраќање. Со тоа, како што наведуваат, сакале да покажат дека и нивна стратегиска определба е зачленувањето на Македонија во НАТО и ЕУ.
Генерален секретар на НАТО се обраќаше пред македонски пратеници во конфликтната 2001 година, а ВМРО-ДПМНЕ мора да биде дел од решението на проблемот за името, вели Андреја Стојковски од Центарот за европски стратегии Евротинк. Тој додава дека надминувањето на спорот за името не може да биде решение само на влада со ограничено мнозинство, туку тоа треба да биде национален консензус.
„За да стигнеме до решението мора да учествуваат сите и власта и опозицијата, а јавноста мора да биде доволно информирана и подготвена. Сметам дека обраќањето на генералниот секретар на НАТО е само подготовка се подготовка на јавноста и потурнување понатаму до доаѓање до конечниот чекор“, вели Стојковски.
И лидерот на ДУИ Али Ахмети оцени дека посетата е добар сигнал дека е можен компромис до самитот на НАТО, кој ќе се одржи на 11 и 12 јули годинава во Брисел, но смета дека во решението на името треба да учествува и опозицијата.
„За да имаме прифатливо решение, сигурно дека треба да се согласи и опозицијата. Tреба да има политичка и национална согласност на заедниците, особено меѓу двете најголеми заедници, Македонците и Албанците. Има неколку моменти каде што треба добро да се менаџираат и за да се внесе во овој процес и опозицијата, сигурно дека потребни се контакти, средби и со нив, средби и со другите државни институции, во оваа насока не може да се исклучи ниту господин Иванов“, изјави Али Ахмети во интервју на телевизија Алсат М.