Достапни линкови

Собранискиот кворум и загадениот воздух во фокусот на дневните весници


Смог во Скопје
Смог во Скопје

Опозицијата бојкотира, но и пратениците од владејачкото мнозинство не доаѓаат на собраниските седници, па нема кворум за работа, пишуваат медиумите. Тие пишуваат и за спорот за името и за загадениот воздух.

„Ќе има ли денеска кворум за Законот за јазиците и за уставни судии?“ – прашува порталот Плунсинфо и потсетува дека за Законот негативно се изјасни и претседателот Иванов во годишното обраќање пред Собранието.

please wait

No media source currently available

0:00 0:03:40 0:00
Директен линк

Независен весник излезе со следниот наслов: „Опозицијата се раситнува, мнозинството се окрупнува, а кворум нема за донесување битни одлуки пред почетокот на имплементацијата на реформските закони што ги подготви Владата“. Весникот потсетува дека пратеничката група на коалицијата предводена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се намалува со излегувањето на веќе тројца пратеници од нејзините редови, но и дека и пратеници од владејачкото мнозинство не доаѓаат на седници, па не може да се собере потребниот кворум од минимум 61 пратеник за донесување на законите, пишува Независен.

Истиот весник ја следеше и средбата на Билал Касами од БЕСА со премиерот Заев со прашањето: „Ќе остане ли албанска партија во опозиција?

Вечер ја користи оставката на професорката Мирјана Најчевска од Советот за спроведување реформи во правосудството дека „Граѓаните ги излажаа, нас нè изиграа, реформи во правосудството нема“. Најчевска изјави дека наводно ниту еден член од Советот не бил консултиран за законските решенија што Владата ги доставува до Собранието.

Нова Македонија ја пренесува изјавата за ТВ24 на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по посетата на Атина: „Кај грчките власти постои консензус терминот Македонија да се најде во која било варијанта за решавање на спорот“. Истиот весник пишува дека „Грчката Влада ги отфрли медиумските шпекулации за името“ и дека е „Закажана нова рунда преговори во Њујорк, за 17 јануари, меѓу медијаторот Нимиц и македонскиот и грчкиот преговарач“.

Речиси сите печатени и електронски медиуми објавуваат дека за денеска, четврток, е предвидена средба на шефовите на македонската и на грчката дипломатија, Димитров и Коѕијас, но не се знаело дали тоа ќе се случи во Атина или во Солун.

Независен весник објави интервју со премиерот Заев во кое тој најавува дека „Нови 22 странски компании се подготвуваат за влез во Македонија“.

Слободен печат и Нова Македонија ги објавуваат предвидувањата на Светска банка: „Македонската економија годинава со раст од 3,2 отсто“. Според Светска банка, по надминувањето на политичката криза, која имаше влијание врз економијата, главни проблеми остануваат невработеноста, фискалната консолидација и можноста од зголемување на фискалниот дефицит поради најавените трошоци за инфраструктурни проекти.

Нова Македонија насловува: „Против отровниот воздух сè уште само со препораки и со молби – Краткорочните мерки без ефект во намалувањето на загадувањето“. Деновиве се актуелни и депонијата „Дрисла“ и пред десетина години подарената печка од Велика Британија за согорување медицински отпад која не била според ЕУ стандардите. Вечер, а и другите печатени и електронски медиуми објавија за вонредниот инспекциски надзор во „Дрисла“ при што е утврдено дека проблематичниот инсинератор не работел веќе 10 дена, а собраниот медицински отпад во денови кога има прекумерно загадување на воздухот се складирал во контејнери. Во тек била набавка на специјален филтер за машината што ќе биде инсталиран во наредните денови, пишуваат печатените и електронските медиуми. А Слободен печат на насловната објавува: „Со дронови ќе бараат загадувачи“, со монтирана фотографија на скопскиот градоначалник Шилегов врз еден дрон.

Веќе нема криење – повеќето портали објавија фотографија од социјалните мрежи, на Ѕидот на сообраќајниот срам, на службениот автомобил на министерот за правда како пресекува две полни ленти на улицата „Димитрија Чуповски“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG