Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната координација донела одлука дека нема да учествува во работата на Собранието се додека не се создадат услови за нормално и демократско функционирање на институцијата. Одлуката денеска ја соопшти лидерот на партијата Христијан Мицкоски на прес-конференција пред законодавниот дом.
Во Собранието по паузата за празниците на денешната седница требаше да се расправа за назначувањето на тројца нови судии во Уставниот суд и за законот за употреба на јазиците, но поради немањето кворум, односно присуството на само 52 пратеници, седницата беше одложена за в четврток.
Мицкоски посочи дека 12 проценти од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се наоѓаат во притвор каде се соочуваат со конструирано обвинение за тероризам, при што нивните човекови права биле прекршени, а власта ги прегазила законите демонстрирајќи сила врз народните избраници.
„Во овој момент, како што кажавме во соопштението, нема демократски услови за учество во работата на Собранието. Првиот момент кога истите тие ќе се овозможат, тогаш нашите пратеници ќе дејствуваат според она што претходно ќе го координираме како партија и ќе биде за интересите на граѓаните на Република Македонија“, вели Мицкоски.
Според него, и народниот правобранител ги констатирал повредите врз правата на пратениците и сето тоа е доказ дека во Македонија има класичен политички прогон и злоупотреба на институциите за пресметка со неистомислениците и оние кои се спротиставуваат на анти државните политики на власта.
„Власта е таа која треба да избере помеѓу реформите и просперитетот од една страна и политичкиот прогон и пресметките со неистомислениците. Власта е таа која има одговорност да ги одреди приоритетите“, порача Мицкоски.
Тој порача дека зад одлуката за неучество на работата во Собранието стојат сите припадници на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на тоа до каде се реформите во партијата и промената на статутот, Мицкоски рече дека се работи за сложен и комплексен процес и ќе се обидат да изготват документ кој ќе ги опфати демократските принципи на партијата и ќе ги вклучи сите специфики на Македонија како држава и општество. Тој посочи дека крајниот рок за изготвување на таквиот документ е крајот на јануари, при што најави дека истиот јавно ќе излезат да го образложат.