Партиските кавги треба да се остават на спореден колосек за да може да се реализира оптимизмот дека следата година ќе биде пресвртна за Македонија и земјата ќе стане членка на НАТО, а ќе се одблокира и евроинтегративниот процес, велат аналитичари. Додаваат дека меѓународната заедница смета оти политичката криза во земјата е завршена и сега очекува исполнување на реформите во добро посочените области.
На реформите треба да се работи ефикасно, без одлагање, вели претседателот на Евроатлантскиот совет во Македонија, Исмет Рамадани.
„Сите чинители треба да преземат поголема одговорност, тука не ја исклучувам ниту опозицијата. Можевме да имаме разбирање поради кризата што се појави во самата најголема опозициска партија, но после конгресот и изборот на нов претседател и тие треба да подадат рака за соработка со власта, оти од надвор многу значење му даваат на дијалогот меѓу власта и опозицијата“, вели Рамадани.
Тој додава дека сите оние што не се подготвени за реформите треба да се тргнат настрана. Очекува и поодговорна и подисциплинирана работа од парламентот оти, како што вели, не може да се толерира да се моли за кворум.
„Нема веќе време за калкулации, за конформизам, за декларативност, точно се знае што треба да направиме, секоја институција, секое министерство, секој субјект, за да постигнеме резултати“, вели Рамандани.
Но, додека од земјата се очекува да ги исполни реформите од евроинтегративната агенда, за кои Брисел бара вклученост и на опозицијата, најголемата опозициска партија ја бојкотира работата на Парламентот. Сепак, по изборот на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ запреа секојдневните протести и блокади. Во владејачката коалиција пазарењето кој ќе ги пополни испразнетите министерски места, се замени со нови условувања.
„Клучно е прашањето кој ќе биде министер политичките партии да го доведат во прашање натамошното заедничко функционирање на владата. Згора на тоа ВМРО-ДПМНЕ излезе од парламентот, давајќи приоритети на конгресот, внатрешните реформи, ДУИ си дава приоритет на својата агенда – законот за јазиците, Алијансата за Албанците има свои теснопартиски интереси. Сето тоа прави мошне лоша политичка криза во државата пред оние јавно ветени клучни исчекори коишто Македонија треба да ги направи на меѓународен план идната година“, вели поранешниот претседател на Собранието на Македонија, Тито Петковски.
Колку и да звучи како излитена фраза, партиите треба да дадат приоритет на националните интереси, ако сакаат Македонија да биде пристојна земја надвор, а внатре да почне да гради демократија, вели Петковски.
„Без постигнување единство меѓу политичките партии и без тоа да се слее во заложба Македонија да се профилира како татковина на сите граѓани коишто живеат во неа, ние тешко можеме да дојдеме до решенија на приоритетните прашања“, вели тој.
Бојкотот на работата на Собранието започна откако Обвинителството отвори истрага против 36 луѓе, меѓу кои и шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за настаните во Собранието на 27 април. Во исто време најголемата опозициска партија се соочува и со внатрешни проблеми, дел од пратениците го оспоруваат легитимитетот на конгресот и на новоизбраниот претседател. Пред Македонија се исправени и други прашања како решавањето на спорот за името, членството во НАТО, системски закони за кои се бара двотретинско мнозинство, а за кои е потребно национално единство.
По изборот на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од сестринска Европска народна партија порачаа партијата да работи во Парламентот и заедно со власта да ги реализира неопходните реформи.
И од владејачката СДСМ побараа новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ да ги напушти досегашните политки на поделби и да даде конструктивен придонес во спроведувањето на зацртаните реформи.