Достапни линкови

Мицкоски лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски почесен претседател


Валандово-16 Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово. Мане Јаковлески, Христијан Мицкоски, Никола Груевски, Емил Димитриев
Валандово-16 Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово. Мане Јаковлески, Христијан Мицкоски, Никола Груевски, Емил Димитриев

Доцна попладнево на 16 конгрес на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски беше избран за трет претседател на партијата. Досегашниот Никола Груевски, заминува по 14 години раководење на ВМРО-ДПМНЕ чие лидерство го презема од Љубчо Георгиевски

Со 376 гласови за, Христијан Мицкоски доцна попладнето е избран за нов претседател ВМРО-ДПМНЕ. Од присутните 438 делегати, гласале 428, a 52 ливчиња се неважечки. Мицкоски во својот говор ја критикуваше владата за лоши резултати во економијата и во европските интеграции нагласувајќи дека единствениот пат на државата е патот кон Европската Унија и НАТО. Мојот политички противник е СДСМ, а не поединци во ВМРО-ДПМНЕ, рече новиот партиски лидер.

„На несмасните брифирања од неименувани партиски извори дека ќе сум бил марионета ќе одговорам дека со мојата работа убеден сум дека ќе го докажам спротивното. Свесен сум во каква атмофера поминува овој конгрес, со шпекулации и наметнати теми, но таква е состојбата и со политиката. Од денеска па натаму ќе се потрудам политиката да биде поинаква“ рече Мицкоски.

Мицкоски - ќе докажам дека не сум марионета
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:39 0:00

Тој партискиот мандат го почнува со несогласувања со истакнати партиски кадри како Илија Димовски и Антонијо Милошоски кои денеска не дојдоа на конгресот во Валандово. Во салата беше речиси целиот Извршен комитет на партијата, поранешните државни функционери Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Владимир Пешевски, блискиот соработник на Груевски Мартин Протоѓер, но недостасуваа други познати партиски лица како Зоран Ставрески, Никола Попоски, Никола Тодоров и други. Од 544 делегати колку што имаа право на глас, на конгресот пристигнаа 418 делегати.

Димовски и Милошоски кои се дел од иницијативата за одложувањето на конгресот со образложение дека се фаворизирал еден кандидат непосредно пред почетокот на настанот соопштија дека нема да присуствуваат на конгресот.

Милошоски рече дека немало да оди на конгрес во чиј демократски капацитет се сомневал, а Димовски, пак, на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека нема да учествува на конгресот оти раководните лица и органи во партијата не создале и не овозможиле услови за демократски конгрес. Дел од другите педесетина потписници на иницијативата дојдоа во Валандово.

Инаку, првиот дел од денешниот конгрес помина во знакот на збогувањето од партиското лидерство на Никола Груевски. Во повеќе од час долгиот говор, во кој тој направи ретроспектива и поврзување со неговото доаѓањето на партиското кормило во 2003 година, без да презицира имиња зборуваше на ножот во грб кој го добил тогаш и како што рече, ножињата кој ги добил сега. Сподели и разговор со странските консултанти кои ги најмиле за последните локални избори кои му пренеле впечатоци за ноќта кога со партиските личности ги чекале изборните резултати кои не беа поволни. Најголем дел имале тага на лицата, а дел биле среќни, рече Груевски.

„Навистина, драги мои сопартијци, еден дел од моите соработници, и тоа луѓе кои добија многу, пред се доверба и шанси, функции и големи привилегии и почести,во последните месеци не можам да ги препознаам. Но успеав тоа да го задржам длабоко во мене, да ја задржам присебноста и смиреноста, длабоко да се кршам во себе и да оставам сами да се заплеткаат и пропаднат во гробот кој го копаат за друг или во сплетките, дворските игри, лицемерието, дволичноста, неискреноста, алчноста, интригите и предавствата кои ги прават за друг“ рече Груевски.

Повикувајќи се на анализата за загубата на последните локални избори Груевски го употреби и терминот предавство, наведувајќи дека информациите од сите страни биле дека по подолг временски период, голем број нивни функционери, на различни нивоа, од различни мотиви и цели, извршиле класично предавство на партијата и тоа имало значаен удел во крајниот резултат. На новиот претседател, меѓудругото и му препорача енергични мерки за казни и остранување на лицата од партијата кои постапиле несоодветно.

“Ако не го направи тоа, ќе се повтори истото на наредните избори и може пак да ги загубиме. Кој еднаш вака направил, пак ќе направи. Потребно е добро да се проверат сите факти и информации за некој да не настрада по грешка, но потоа треба да се делува без двоумење и одлучно” рече Груевски.

Тој побара и национално помирување и закон за амнестија, а од бината во Фестивалскиот дом Јанко Узунов си замина со аплауз и плакета. По 14 години на чело на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски од денеска е почесен претседател на партијата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG