Достапни линкови

Милошоски и Димовски не одат на конгрес, другите делегати самостојно да си одлучат


Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците Антонијо Милошоски и Илија Димовски нема да одат на изборниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово, кој почнува попладнево, а се очекува слично да постапат и други од групата која иницираше одложување.

Пратеникот Антонијо Милошоски, кој е еден од потписниците на иницијативата за одложување на изборниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ нема да оди во Валандово каде што попладнево почнуваат со работа делегатите. За Радио Слободна Европа, Милошоски вели дека немало да оди на конгрес во чиј демократски капацитет се сомневал.

„Нема да учествувам бидејќи мислам и дека во овие важни моменти за ВМРО-ДПМНЕ ќе беше многу попродуктивно за партијата да имаме конгрес со можности за лојална конкуренција“, вели Милошоски.

Од потписниците на писмото за одложување на конгресот кое не помина на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, 37 се и делегати кои имаат право на глас, меѓу нив и Илија Димовски, Борис Змејковски, други пратеници, поранешни градоначалници и министри кои се потпишаа на иницијативата. И пратеникот Димовски на својот профил на Фејсбук напиша дека нема да учествува на конгресот во Валандово. Тој пишува дека донел ваква одлука, оти, како што пишува, раководните лица и органи во партијата не создале и не овозможиле услови за демократски конгрес.

На прашањето дали ќе ги повикаат на бојкот другите делегати, Милошоски вели дека секој самостојно треба да си одлучи.

Претходно, единствениот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за телевизијата Алфа рече дека е убеден оти сите тие ќе учествуваат на самиот конгрес со што ќе придонесле за зголемување на позитивниот амбиент и додавање вредност на настанот.

Тој речиси две недели е посочуван од некои негови партиски колеги дека е фаворизиран од актуелниот претседател Никола Груевски и дека партиските структури му помагаат во кампањата. Пред три дена и дел истакнати пратеници како Димовски, Милошоски, Трајко Вељаноски и други партиски лица преку јавно писмо посочија дека се вршело притисок врз добар дел од делегатите да се потпишат зад кандидатурата на еден кандидат и се користеле закани за исклучување од партијата и од органите на партијата на лица кои ќе одбијат да дадат поддршка на тој кандидат.

Меѓу делегатите кои имаат право на глас на конгресот е и Филип Петровски, кој се откажа од кандидатурата за претседател на партијата, обвинувајќи дека се фаворизира Мицкоски и најави дека нема да учествува на конгрес кој бил наместен од Никола Груевски. Право на глас за партискиот претседател има и поранешната министерка за култура во владата на Љубчо Георгиевски, Ганка Самоиловска-Цветанова, која јавно им даде поддршка на иницијаторите за одложување на конгресот.

Инаку, списокот на делегати е истиот како и на минатиот, редовен конгрес што се одржа во 2015 година во Куманово. На него има 544 лица, а меѓу нив се и поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, пратениците Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Крсто Мукоски кои се во притвор за настаните на 27 април во Собранието.

Според член 18 од статутот на ВМРО-ДПМНЕ „конгресот може да работи ако се присутни најмалку две третини од вкупниот број делегати“. Toa значи дека за Мицкоски да стане лидер мора да дојдат најмалку 363 делегати.

Меѓу нив се и поранешни директори на јавни установи кои ги нема во јавниот партиски живот периодов, како Аспазија Софијанова, Зоран Џорлев, Маја Чанаќевиќ и други, Влатко Атанасоски, еден од групата таканаречени реформатори, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски кој најави дека се повлекува од политиката, како и поранешните високи државни функционери за кои се водат судски постапки како Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и други.

Инаку конгресот почнува со работа од попладнево од 17 часот со регистрација на делегатите, а според агендата треба да заврши утре со 16 точка- обраќање на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG