Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва одлучува дали во петок и во сабота ќе се одржи изборниот конгрес за претседател на партијата. Каква и да е одлуката, таа ќе треба да биде потврдена од Централниот комитет, кој според најавите, ќе заседава утре.
На два дена пред почетокот на дводневниот конгрес ситуацијата се комплицира по писмото на кое се потпишани триесет истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои, и Илија Димовски и Антонијо Милошоски. Имињата на овие двајца пратеници се споменуваа како можни кандидати за претседател на партијата.
Покрај нив на писмото е потпишан и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, но од потписниците само тројца се членови на извршниот комитет кој има вкупно 32. Илија Димовски, Дијана Трнталовска и Антонијо Милошоски вечерва директно на своите партиски колеги ќе им ги објаснуваат нивните тврдења и барања.
„Се надеваме дека ќе победи идејата за обединување на партијата, а имаме и подготвено документација за тоа што го пишуваме. За некои членови на Извршниот комитет знаеме дека ќе не поддржат, а некои пак сигурно ќе ни се спротистават“, вели еден од потписниците на писмото кој не дава оценка која струја во партијата ќе преовлада.
Иако во писмото не се наведува кој кандидат „е очигледно фаворизиран, помогнат и поддржан од целокупната партиска инфраструктура на републичко ниво“, еден од кандидатите за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски со денови изјавува дека станува збор за Христијан Мицкоски, генералниот секретар на партијата. Мицкоски, кој се смета за фаворит на досегашниот лидер Никола Груевски, вечерва, исто така, како член на Извршниот комитет се очекува да ги каже своите позиции.
Битка меѓу две крила
Од попознатите за јавноста имиња членовите на партиското тело се и Никола Попоски, Никола Тодоров, Владимир Ѓорчев, Зоран Ставрески, Коце Трајановски, Даниела Рангелова, Емил Димитриев. Попоски и Тодоров, исто така, се споменуваат како можни кандидати за лидер, но нивните имиња ги нема на писмото потпишано од сопартијците и не се знае како ќе се позиционираат. Тодоров се повлече од пратеничката функција што ја доби на последните избори со навестување дека ќе се занимава со адвокатура, а Попоски се уште е политички активен.
Во првичните гласини беше спомнувано и името на Ѓорчев како можен претендент за претседателската позиција, но подоцна неговото име го снема од комбинаториките. И тој засега не се изјаснува каков е неговиот став. Ставрески исто така го нема во актуелните случувања и протестите што ги организира неговата партија, а поранешниот градоначалник на Скопје, Трајановски на протестите може да се забележи често како го придружува Груевски.
По промените во Извршниот комитет летово, од кога од него излегоа познати партиски челници вклучени во процесите што ги води Специјалното јавно обвинителство, како Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, влегоа доста непознати за пошироката јавност партиски личности. Меѓу тие 17 нови членови на извршниот комитет се професорот Драги Димитриевски , Игор Николов од нефрологија, Златко Перински, Никола Србов, Сеад Солаковски, Марио Цветковски, Александар Тргачевски. Новите членови според кругови запознаени со состојбите во ВМРО-ДПМНЕ се сметаат за блиски до Груевски и Мицкоски.
Навестен проблем
Инаку во вчерашното писмо, пратено два дена пред да истече рокот за поднесување кандидатури за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, обвинија дека се користат партиски ресурси само за еден кандидат, се врши притисок врз добар дел од делегатите да се потпишат зад неговата кандидатурата, се користат закани за исклучување од партијата и од органите на партијата на лица кои ќе одбијат да дадат поддршка на него.
Дека постојат вакви забелешки навести и самиот Груевски кој минатата недела два пати на социјалната мрежа Фејсбук негираше дека како долгогодишен претседател на партијата ќе поддржел или фаворизирал некој од кандидатите за претседатели на партијата. Во другото обраќање пак, побара во процесот на собирање потписи кандидатите да не користат никакви форми на притисок, заплашување, закани, уцени, измами, изнудување или која било друга нечесна и нерегуларна форма и начин при собирањето на потписите.
И потписниците на писмото тврдат дека пред да го објавеле, дел од нив, повеќепати алармирале и разговарале со највисоките партиски функционери, но за жал, до сега немало никаква ефективна реакција.
Поради сето ова тие констатираат дека Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ закажан за 22 и 23 декември под овие околности не гарантира демократски и транспарентен процес за легитимен избор на Претседател на партијата и меѓудругото бараат Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ да донесат одлука за одложување на Конгресот за 24 и 25 февруари 2018 година и да назначат колективно претседателство од 3 до 5 членови кои ќе ја раководат партијата до одржување на Конгресот.
Потписници на писмото се и основачите на ВМРО-ДПМНЕ Борис Змејковски, Владо Трнталовски, Васил Наумов, Дијана Трнталовска, Драги Арсов, Ѓорги Боев, потоа Ѓорги Наумов, Иван Иванов, Благоја Деспотоски, Крсто Јовановски, Жарко Караџоски, поранешните градоначаници Никола Бакрачески и Борче Стамов, Илчо Захариев, поранешната министерка Марта Арсовска Томовска, потоа Трајчо Димков, Магдалена Манаскова, Слаѓана Митовска, Ристо Манчев, Павле Саздов, Александар Колев, Горан Манојловски, Александар Митов, Нола Исмајлоска Старова, Милан Ристевски, Нада Ципушева и Невенка Стаменковска.