Достапни линкови

Во ВМРО-ДПМНЕ молчат кои се кандидати за нов претседател


Илустрација-седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје
Илустрација-седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

Пред четири дена почна да тече рокот за пријавување кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе трае уште шест дена. Од партијата велат дека ќе информираат кој се кандидирал по завршувањето на процесот.

Ќе ве информираме откако ќе заврши процесот, е краткиот одговор на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски на прашањето дали има стигнато кандидатури до партиската правна комисија, колку и кој се пријавил.

Координаторот на една од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, чие име се споменува во јавноста како можен кандидат, на прашањето на Радио Слободна Европа дали поднел кандидатура одговори со „не“.

„Многу скоро јавноста ќе дознае за мојот став“ одговори на истото прашање генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски.

Пратеникот Антонијо Милошоски чие име исто така се споменува како кандидат за претседател не одговори на прашањето. Поранешниот директор на Државниот архив Филип Петровски, пак, веќе води јавна кампања за својата кандидатура. Побара од понеделник штабовите на ВМРО-ДПМНЕ да биле отворени за да се видел со членството.

Во меѓувреме, досегашниот претседател Никола Груевски преку статуси на социјалната мрежа Фејсбук два пати се обрати во врска со партиските избори. Во првиот пост негираше дека како долгогодишен претседател на партијата ќе поддржел или фаворизирал некој од кандидатите за претседатели на партијата. Во второто обраќање пак, побара максимално мирна, фер и демократска внатрепартиска атмосфера и натпревар. Апелирам до кандидатите во процесот на собирање потписи да не користат никакви форми на притисок, заплашување, закани, уцени, измами, изнудување или која било друга нечесна и нерегуларна форма и начин при собирањето на потписите.

„Доколку во овие три изминати дена некој од делегатите во вакви околности се потпишал на нечија кандидатура, го информирам дека треба писмено да ја информира правната комисија на партијата и писмено може да го повлече својот даден потпис за некој од кандидатите“, напиша Груевски и наведе дека ако некој го злоупотребувал негово име во контекст на собирањето потписи за поддршка и гласањето станувало збор за лажно претставување.

Но, споредувајќи ја состојбата сега во опозициската партија и онаа пред неколку години во СДСМ Никола Дујовски, професор на Универзитетот Свети Климент Охридски, вели дека и на поранешната опозиција и требало години да направи вистинска транзиција по партиското владеење на Бранко Црвенковски.

Тој смета дека премногу е кратко времето од оставката на Груевски до конгресот за да може да се очекуваат вистински промени и излегување од сенката на лидерот кој 14 години ја води ВМРО-ДПМНЕ.

„Покрај ова, ВМРО-ДПМНЕ ќе го избира својот лидер и врз основа на постоечките партиски акти кои целосно ја загушија партијата и моќта ја концетрираа кај еден човек. За да имаат нов лидер кој ќе ја поведе партијата напред треба промена и на тие акти, но и за тоа треба време“ вели Дујовски.

Инаку, пред четири дена почна да тече рокот за пријавување на кандидати за претседател на партијата кој ќе трае уште шест дена. Според статутот, кандидатот треба да го предложат најмалку 30 делегати од вкупно 544 кои ќе гласаат на вонредниот конгрес што ќе се одржи на 22 и 23 декември во Валандово.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG