Достапни линкови

Законот за јазиците и отсуството на опозицијата


Седница на собраниската Комисија за европски прашања
Седница на собраниската Комисија за европски прашања

Комисијата за европски прашања денеска во отсуство на опозицијата треба да ја продолжи амандманската расправа за предлог законот за јазиците. Според експертите, пожелно е закони од овој вид да бидат донесени по широка дебата и со учество на опозицијата. Тие препорачуваат одложување на носењето на законот.

Носењето на закони во отсуство на опозицијата, особено предлог законот за јазици, кој поттикна голема дебата во јавноста е погрешно, велат експертите. Комисијата за европски прашања денеска треба да ја одржи амандманската расправа за предлог законот. За него досега се поднесени 90 амандмани од кои 84 се од ВМРО-ДПМНЕ, 4 од СДСМ и 2 од БЕСА.

Сите политички чинители се важни во процесот на донесување одлуки и тие мора да бидат активно вклучени и во носењето на закони, посочува Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки.

„Инаку, за очекување е и во наредниот период ВМРО-ДПМНЕ да опструира закони коишто да речеме во моментот не им одат во прилог. Меѓутоа, овој закон е со европско знаменце и затоа сметам дека многу е важна поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, тие да бидат вклучени и заедно со нив да се донесе овој закон“, вели Гаџовски.

Политичкиот аналитичар и поранешен пратеник Насер Зибери посочува дека поважните закони кои имаат широки импликации добро е да се носат низ една широка дебата и со учество на сите субјекти застапени во Парламентот.

„Особено законот за јазици бара една темелна расправа за да може да се постигне што поширок консензус. Но, за жал тоа нема да биде секогаш возможно, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ се уште не се изјаснила колку време ќе бојкотира. Така што Собранието ќе мора и ќе биде принудено да носи одлуки и без присуство на ВМРО-ДПМНЕ“, смета Зибери.

Тој додава дека е пожелно овој закон да биде донесен со вклучување на опозицијата во дебатата без разлика како таа ќе се изјасни.

Најмалку што може да се направи е да се даде уште една шанса и да се одложи законот и да се чека во едно оптимално време опозицијата да се врати во Собранието“, додава Зибери.

Согласен е и Гаџовски кој посочува дека може повторно да се одложи носењето на законот, чекајќи подобро време и подобра кохабитација меѓу политичките партии и да се заврши процесот со избор на нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

„Мислам дека би можело да се одложи до некое одредено време, но тоа не би требало да биде предолго од причина што е во интерес е да се добие квалитетен закон наспроти тоа да се потроши повеќе време од што би посакале политичките партии“, додава тој.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ ја бојкотираат работата на Собранието, бидејќи шестмина нивни пратеници се во притвор.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG