Достапни линкови

Законот за јазици – главна тема во дневниот печат


Македонско и албанско знаме
Македонско и албанско знаме

Дебатата за Законот за јазиците, локалните избори и меѓупартиските препукувања за огласот за избор на нов јавен обвинител се главни теми во дневните весници.

Законот за јазиците и распишувањето оглас за нов јавен обвинител по разрешувањето на Марко Зврлевски, како и претставувањето на кандидатите за градоначалници за претстојните локални избори се темите што доминираат во печатените и електронските медиуми. Особено интернет порталите наклонети кон ВМРО-ДПМНЕ се полни со зајадливи информации за работењето на Владата на Зоран Заев и напади за потези кои беа препознатливи всушност за претходната Влада. А официјално предизборната кампања уште не е започната.

За Законот за јазиците - Нова Македонија лапидарно информира уште во насловот: „За власта Законот за јазикот ќе донесе мир, за опозицијата е продлабочување на меѓуетничкиот јаз“ и „Законот за јазиците ги зоврива страстите“. Весникот ја објавува и изјавата на премиерот Заев дека „предлог-законот за употреба на јазиците е последното легалистичко прашање со кое се затвораат отворените прашања од Охридскиот рамковен договор“. Вечер наслови: „Законот за употреба на јазиците се сели на пленарка – Различни гледишта познат епилог“. Слободен печат објави колумна во која авторот пишува: „Македонскиот јазик е многу позагрозен од загрижувачки раширената злоупотреба во јавната комуникација и од официјалната негрижа, отколку од проширената употреба на албанскиот“.

Нова Македонија, Вечер и Слободен печат информираат дека Владата усвоила повеќе предлог-мерки насочени кон унапредување на состојбата со македонскиот јазик, кои покрај другото упатуваат и на поддршка на албанската и на другите етнички заедници, преку политика на атрактивност, за учење на македонскиот јазик и формирање мултиетнички и повеќејазични педагошки и културни друштва.

Нова Македонија во насловот ја сублимира собраниската дебата во врска со огласот за нов јавен обвинител: „Огласот за опозицијата незаконски, за власта не е прекршен законот“, наведувајќи дека владејачкото мнозинство ги потсетило колегите од ВМРО-ДПМНЕ дека нивната Влада во 2013 година, само 10 дена по распишувањето на изборите на 11 јануари го именувала Марко Зврлевски за јавен обвинител и зошто тогаш не реагирале на тоа.

Медиумите објавија дека Владата ги задолжила сите министерства да достават информација дали по распишувањето на последните предвремени парламентарни избори имало вработувања во јавната администрација. Вечер излезе со наслов: „Инспектори на терен – имало ли вработувања пред избори?!“

Груевски објави резиме на првите три месеци на новата Влада: „100 дена партизација, кадровски дебакл, незаконско работење и уривање на институциите пред избори“ – објави Вечер.

Порталот Нова ТВ открива: „Колку им плаќал Груевски на странските советници“, потсетувајќи дека кога новинарите го прашувале Груевски колку пари чинат услугите на надворешните експерти, одговорот бил дека дел од нив му помагаат без надомест, а за другите цената е на ниво на просечна цена за советување на пазарот на услуги. Нова ТВ објавува дека некои од надоместоците на армијата од 86 советници на Груевски: сумите се движат од 2.500 до 7.000 евра месечен хонорар од буџетски народни пари за совети за странски инвестиции, иновации и претприемаштво, автомобилска индустрија, енергетика, туризам.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG