Слично како и досегашните пленарни седници почна и комисиската собраниска расправа за предлог законот за јазиците. Најактивни во Комисијата за европски прашања, во која е на прво читање, исто како и досега беа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и Илија Димовски.
Опозициската партија тврди дека предлог законот е противуставен, дека со неговата примена нема да дојде до кохезија во општеството туку до разединување. Забележуваат и дека во него не се споменати унапредувањата на другите јазици, како на пример турскиот.
„Целта на законот за двојазичност е да се заобиколи потребата од менувањето на Уставот ако некој решил коалицискиот договор да го преточи во уставна или законска норма“, рече Милошоски.
Тој и забележа на Владата дека иако тврдела дека ќе има јавна дебата за сите прашања, за овој предлог закон не ги поканила стручните лица, а и го носела по скратена постапка и со европско знаменце за да заобиколи дебатата.
На получасовниот говор на Милошoски жестоко реагираше пратеникот од ДУИ Џеват Адеми. До 29 јануари, додека трае преговорите за влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ истиов овој закон не беше противуставен реплицираше Адеми, додавајќи дека не било добро, зависно од моментите позиции да се заземаат ставови.
„Со моето обраќање на македонски јазик сакам да ве уверам и да ви докажам дека апсолутно не ми пречи јазикот за да се разбереме. Па пријатели мои, јазикот е средство за комуникација, а не алатка за криење мисли“ рече Адеми.
На почетокот на седницата министерот за правда Билен Саљији, образложувајќи го законот, рече дека владата на Македонија е одлучна да го продолжи патот кон развој на државата како рамноправни граѓани.
„Со предлог законот се предвидува на целата територија на земјава и во нејзините меѓународни односи освен македонскиот јазик и неговото кирилско писмо службен јазик да биде и јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо“, рече Саљији.
Со предлог законот се предвидува и во сите органи на државната власт, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно со закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Македонија и неговото писмо.
На седницата на комисија и претходеше расправа за дневниот ред на седницата. Милошоски и Димовски инсистираа дека од него треба да се тргне европското знаменце бидејќи немал врска со усогласувањето со европското законодавство, дека тој е противуставен и дека комисијата за европски прашања не е матично тело за овој закон туку дека тоа е комисијата за политички систем. По инсистирање на ВМРО-ДПМНЕ пратениците гласаа поединечно за дневниот ред.