Достапни линкови

Мали очекувања од средбата меѓу Коѕиас и Димитров


Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕиас, Атина, 14.06.2017.
Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција Никола Димитров и Никос Коѕиас, Атина, 14.06.2017.

Поголеми поместувања во позициите на двете страни околу спорот за името не треба да се очекува по најавената средба на грчкиот министер за надворешни работи со македонскиот државно-владин врв.

Не треба да се очекуваат чуда од денешната посета на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас во Скопје, велат аналитичарите. Тие сметаат дека реално може да се очекува подобрување на односите и меѓусебната доверба, но не и драстични поместувања на позициите околу спорот за името. Универзитетскиот професор Митко Гаџовски вели дека ваквата директна комуникација меѓу министрите од двете земји ќе придонесе за подобрување на односите и за подобро запознавање на грчката влада со позициите на новата македонска влада.

„Меѓутоа очекувам ваквиот тренд на новата влада да продолжи со развивање на добри меѓусоседски односи и со подигнување на комуникацијата на повисоко ниво, за разлика од претходната влада, се со цел да ги апсорбираме проблемите и за да чекориме по патот по кој што стратегиски сме се определиле а тоа е ЕУ и НАТО“, вели Гаџовски.

Во меѓувреме, грчките медиуми пишуваат дека официјална Атина ги држи на ниско ниво очекувањата од посетата на Коѕиас на Скопје, без при тоа да откријат детали за планирате разговори. Тие пишуваат дека Атина на оваа политичка средба ќе се обиде да се движи на средна линија, односно „нема да дозволи македонските власти да ја монополизираат нејзината конструктивност, и од друга страна, ќе покаже дека се уште не се создале услови за брзо решавање на прашањето за името“. Се спомнуваат и последните случувања во регионот и промовираната соработка меѓу двете земји.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека оваа посета на Коѕиас може да се гледа во пошироката дипломатска слика во регионот, но и во тенденцијата на Грција да покаже дека се кооперативни во преговорите за решавањето на спорот за името.

„Не може да очекуваме чуда, но треба да бидеме подготвени на барем јавно искажана попозитивна енергија од грчката страна, но од друга страна која било помала грешка од наша страна Грците ќе се трудат да ја зголемат и повторно да се вратат на старата приказна дека ние сме тие што не се заинтересирани за договор, а не Грција,“ вели Муслиу.

Тој додава дека обидот на Грција да го одржи ставот дека не е дојдено времето за договор ќе биде тешко особено ако од Македонија доаѓа позитивен пристап и интерес за изнаоѓање на решение.

„Од друга страна на Грција е таа на која не и се брза во решавањето на спорот, но нам поради блокираните евроатлански интеграции ни се брза. Тука ќе биде тоа дипломатско поигрување од двете страни. Мислам дека македонската страна ќе се труди да му даде оптимизам на процесот, а грчката страна верувам дека кој било и помал инцидент ќе се труди да го искористи за да прикаже забавување на процесот, “ вели Муслиу.

Гаџовски, пак, вели дека средбата нема да помине без да се поразговара и за спорот за името, но не може да се очекува во овој сегмент поголемо поместувањето затоа што новата македонска влада нема ни 100 дена како почна со работа.

„ И затоа сметам дека не може да се очекува од новата владата за толку брзо да се позиционира за толку важно прашање, меѓутоа многу е битно, тоа што тие разговори и одржување на комуникација со Владата во Атина, продолжуваат и се поинтензивни за разлика од порано, така да сето тоа мислам дека за одреден период ќе донесе одредени придобивки“, вели Гаџовски.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG