Достапни линкови

Предизборни манипулации со Законот за јазици


Законот за јазици се носи со цел предизборно да се придобијат дел од гласачите Албанците, велат дел од експертите. Други, пак, посочуваат дека ова е важно прашање кое кога тогаш мора да се реши.

Брзањето да се донесе законот за употреба на јазиците и бурните реакции кои истиот ги предизвика оставаат простор за сомневање дека ваквото законско решение партиите го користат во свои политички цели, особено во функција на претстојните избори. Како и многу други законски решенија, така и Законот за употреба на јазиците најголемиот дел од партиите го користат на погрешен начин, вели професор Никола Дујовски.

„ВМРО-ДПМНЕ се обидува да придобие гласови од гласачите Албанци таму каде што би можеле да одлучуваат, на пример град Скопје и други места каде што албанските гласови би можеле да бидат пресудни, ако не во првиот, барем во вториот круг од изборот за градоначалник. Од друга страна, негираат дека ова е во согласност на Уставот. СДСМ исто така, веројатно сакајќи да ги придобие гласачите Албанци или приморани од коалициските договори, отиде со овој закон можеби преурането и недоволно подготвени за да ги задоволат потребите на нивните коалициони партнери и гласачите Албанци“, вели Дујовски.

Според него, законот не е во функција на граѓаните, туку на политичарите.

„Кај граѓаните овој закон не предизвикува некој посебен интерес. Кај Албанците минимален, кај граѓаните Македонци одбивен интерес. Затоа законските решенија се најдобри кога се носат во функција на подобрување на животот на граѓаните. За жал и овојпат ќе се искористи само за дневно политички надмудрувања меѓу партиите“, заклучува Дујовски.

Но, за разлика од него, професор Беса Арифи смета дека ова прашање е многу важно за Албанците и истото требало да се реши многу поодамна.

„Треба да имаме предвид дека тоа е закон којшто се поврзува со Охридскиот рамковен договор и претходно не беше докрај решено прашање. Сега доаѓа време кога тоа мора да се реши. Секогаш постои опасност кај нас ваквите работи да се злоупотребуваат во политички цели, но тоа не го прави законот неважен, бидејќи тој кога тогаш треба да се реши“, вели Арифи.

Сомнежите дека ваквите чувствителни прашања во земјава честопати се политизираат се оправдани, вели Арифи.

„Донесувањето на овој закон е процес. Иако законот се донесува со европско знаменце, постапката е редовна и не мислам дека истата ќе заврши пред изборите. Како и да е, може да се случи и после изборите истиот да биде изгласан“, вели Арифи.

Во изминатиот период овој закон предизвика тензични дебати меѓу пратениците во Собранието. Пратениците од СДСМ уверуваа дека законот е добар и истиот нема да му наштети никому, додека пратениците од опозицијата уверуваа дека немаат ништо против Албанците, но дека законот не смее да биде донесен бидејќи е противуставен.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG