Рудниците или загадениот воздух во Скопје? Или и едното и другото подеднакво штетни за живеење? Во средата вечер и четвртокот изутрина, како што насловија повеќе печатени и електронски медиуми - „Во Скопје воздухот е екстремно загаден според сите мерни станици“.
Нова Македонија наведува дека „загадувањето е многу високо во сите скопски општини, а најголема концентрација на штетните честички во средата вечерта се измерени кај Ректоратот и во Карпош“. „Скопје се гуши, власта вели проблемот не се решава преку ноќ и со волшебно стапче“ - оди со наслов Слободен печат цитирајќи го министерот за животна средина Садула Дураку. Порталот Курир.мк објавува фотографија на Заев, загаденото Скопје и на Шилегов со наслов: „Загаденоста ги урна границите: Владата шест месеци не презема ништо“.
По најавите на инвеститорот на „Казандол“ дека в четврток ќе стартува со минирање, Нова Македонија и Вечер ја објавуваат изјавата на премиерот Заев: „Владата останува на ветувањето за рудниците – ќе се искористи секој правно-формален аспект за да се спречи изградбата. Ќе направиме сè за да останеме на своето ветување дадено на граѓаните“.
Порталот Плусинфо објавува колумна со наслов: „Врати се дома, Заев, времето си лета!“, како потсетување на домашните проблеми што најмногу ги засегаат граѓаните и коишто треба да ги решаваат Владата и нејзиниот премиер. Слободен печат со загрижувачка насловна страница - фотографија на претседателот Иванов и прашање: „Шефот на државата повторно во улога на спасител – Иванов готви нов шок, аболиција за крвавиот четврток!?“
Интернет порталите и печатените медиуми ја пренесуваат изјавата на амбасадорот Бејли во предавањето на тема корупција пред студентите на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип: „Не ја почнав јас приказната со делењето високи бонуси во ДИК. Сите вработени таму го знаеја тоа. Го кажав мојот коментар за да почне здрава јавна дебата за тоа прашање“.
Инаку, продолжуваат судските рочишта по обвиненијата од СЈО. „Превозот на ученици во Битола бил корумпиран до даска, рече обвинителот на СЈО на рочиштето „Транспортер“ покрај другите и против поранешниот градоначалник Талески“, користејќи ги истите зборови од разговорот помеѓу Ставрески и Јанкуловска слушнати во една од „бомбите“. „Продолжува судењето за „Труст“ против Сеад Кочан“, објави Нова Македонија. Истиот весник информира дека е „Одобрено обвинението на СЈО за „Титаник 3“ “ во кое се обвнети координаторот на пратеничката група на ДУИ, Ејуп Аљими и членот на ОИК за Општина Чаир „за уништување изборен материјал“.
Порталот Република.мк објавува дека „Расправата за Законот за јазиците во собраниската комисија продолжува без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Состојбите во економијата во третиот квартал се подобруваат“, го пренесува Слободен печат соопштението на НБМ, во кое се додава дека податоците за домашниот бруто-производ покажуваат умерен пораст на годишно ниво од 0,2 проценти.