Кавга околу мерките што треба да се преземат за намалување на загадениот воздух во Битола се случи во битолскиот Совет. Само што овој пат ВМРО-ДПМНЕ како опозиција предлагаше краткорочни мерки, иако во изминатиот период ги немаше на протестите за намалување на аерозагадувањето. Локалното мнозинство од СДСМ, пак гласаше воздржано зашто сметаат дека нема технички услови за спроведување на мерките.
Советничката Олга Лозановска од ВМРО-ДПМНЕ предложи како мерки за намалување на загадувањето Општина Битола да забрани движење на товарни возила низ центарот на градот, па да се пренасочуваат низ обиколницата. Таа пак, како сообраќајница е затворена за сообраќај уште од времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ поради свлечишта и блокади на ромското население за да добијат струја. Лозановска уште предложи посебен сообраќаен режим во градот и улиците да се прскаат со калциум магнезиум ацетат.
„Ние како опозиција кога го предложивме сè тоа со цел подобрување на квалитетот на воздухот во општина Битола, власта одеднаш се оградува, гласа воздржано, а истите тие до вчера излегуваа со маски, велеа дека е загаден воздухот. Јас навистина сум изненадена од нивната одлука да гласаат воздражано, ми личи малку лицемерно“, вели Лозановска.
Претседателот на Советот, Валентин Груевски, кадар на ЛДП која е во коалиција со СДСМ, прашува каде беше ВМРО-ДПМНЕ досега да покаже интерес за проблемот. Објаснува дека гласале воздржано по предлогот за краткорочни мерки зашто обиколницата сè уште се санира, а е затворена од времето на претходната власт.
„Нам ни е особено мило што ВМРО-ДПМНЕ по пет-шест годишно игнорирање на проблемот со загадувањето на воздухот сега се интересира. Има технички причини поради кои тие мерки се неостварливи. Обиколницата околу Битола не е во функција повеќе од една година. Тоа е работа која досега требаше да ја среди ВМРО- ДПМНЕ, но не ја санираа. Сега се работи на отстранување на недостатоците, санирање на свлечиштето. После тоа можеме да разговараме за ваквите мерки“, вели Груевски.
Советниците од независната листа „Поинаку“ обвинија дека сè ова е популизам.
„Додека едните кои до вчера беа на власт и велеа дека воздухот е чист, дека се расипани мерните станици или дека загадувањето е цел на божјите сили, денес стануваат и бараат да се спроведат истите мерки донесени во Советот од 2013 година. Тоа го бара советник кој во тој мандат гласаше неколку пати против ваквите иницијативи. Опозицијата претходна, сегашна власт, на истиот начин гласа воздржано за мерките кои треба да се спроведат за загадувањето во Битола. Ние како независни советници гледме дека нема потреба да се гласа за ова зашто се работи за класичен популизам“, рече Габриела Илиевска од „Поинаку“.
Во зимскиот период Битола се гуши од загаден воздух бидејќи најголемиот дел од домаќинствата и институциите се греат на дрва и мазут, а нема заедничка топлификација.