Достапни линкови

Возењето пар-непар делумно ќе го намали аерозагадувањето


Битолчани протестираат против загадувањето на воздухот. Битола е еден од најзагадените градови во Македонија. декември, 2016.
Битолчани протестираат против загадувањето на воздухот. Битола е еден од најзагадените градови во Македонија. декември, 2016.

Министерството за животна средина од почетокот на годината употребува 50 отсто од службените возила во деновите кога воздухот е загаден над дозволените граници. Оттаму најавуваат и други мерки. Претставници на еколошки организации велат дека најавените мерки нема долгорочно да го решат проблемот.

Министерството за животна средина и просторно планирање предлага веведување на возење пар-непар преку измена и дополнување на Законот за сообраќај, како и употреба на 50 отсто од службените возила во сите јавни институции и општините во деновите кога воздухот е загаден повеќе од дозволеното. Со тоа, од Министерството очекуваат драстично намалување на загадувањето во земјата.

Оттаму најавуваат и други мерки, иако во изминатите неколку месеци граѓаните во скоро сите населени места во земјава дишеа високо загаден воздух. На прашањето дали мерките се задоцнети, министерот Башким Амети вели дека Владата во континуитет презема мерки за заштита од загадувањето.

„Овие се најновите мерки кои ги предлагаме и веруваме дека ќе придонесат за подобрување на квалитетот на воздухот“, вели Амети.

Некои мерки требаше да се презаемат порано, но подобро некогаш отколку никогаш, вели Душко Груевски од невладината организација „За нас се работи“ од Битола. Сепак, тој вели дека овие мерки се краткорочни и кои можат мементално да придонесат, но дека не се решение на проблемот.

„Мислам дека овој пристап што сега Министерството го прави е про-форма, бидејќи се знае од каде доаѓа загадувањето, кои се загадувачи, кои капацитети го загадуваат воздухот и решенијата се многу едноставни и лесни доколку навистина искрено Министерството за животна средина има намера да справи со тој проблем“, вели Груевски.

Груевски смета дека мерките повеќе ќе придонесат во градовите каде сообраќајот процентуално го прави најголемиот проблем со загадувањето, но како што вели според некои анализи сообраќајот во Битола учествува во загадувањето од 8 до 13 проценти.

„Во Битола, покрај „РЕК Битола“, најголем загадувач е затоплувањето на домаќинствата, така што овие мерки може малку да го намалат загадувањето, но не е долгорочно решение“, вели Груевски.

За решавање на проблемот со аерозагадувањто, освен сообреќајот, потребни се мерки кои ќе го намалат загадувањето од затоплувањето на домаќинствата, урбанизацијата, индустријата.

Според Планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопскиот плански регион 20 отсто од загадувањето на воздухот во Скопје потекнува од сообраќајот.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG