Иако здравјето на граѓаните повеќе години во континуитет е загрозено од загаден воздух, од Министерството за животна средина и просторно планирање посочуваат дека против најголемиот еколошки проблем оваа зима ќе се водат според стратегиите усвоени од владата во 2012 и 2013 година.
Тоа се Националната програма за постепена редукција на количините на емисии на загадувачки супстанци за период од 2012 до 2020 година и Националниот план за заштита на квалитетот на амбиентот за период 2013 – 2020 година.
„Дополнително, како резултат на активната проектна соработка на Министерството за животна средина со Единиците на локалната самоуправа, подготвени се планови за подобрување на квалитетот на воздухот за град Скопје, во декември 2016 година, општина Битола во април 2012 година и општина Тетово во април 2017 година, во кои се пропишани низа мерки за подобрување на квалитетот на воздухот“, велат од Министерството за животна средина.
Претставниците на граѓанските организации сметаат дека овие стратегии нема да донесат нови решенија. Аријан Џафери од граѓанската организација „Еко-герила“, која со години протестира за загаденоста во Тетово, вели дека овие стратегии се погрешни, бидејќи доколку функционирале, резултатите ќе биле видливи и во минатите години.
„За вакви радикални проблеми се бараат радикални решенија и мерки. Тие стратегии од старата влада не функционираа или не беа ставени во функција“, вели Џафери.
Тој објаснува дека минатата зима загадувањето во Тетово било високо, иако помалку во споредба со минатите години кога работеше фабриката „Југохром“, но сепак очекува дека и во претстојната грејна сезона тетовци нема да дишат чист воздух.
„Ние од владата побаравме да се ангажира малку повеќе на гасификацијата на градот, не само во Тетово и во цела Македонија. Но, како и да е, очекуваме загадена зима, но не толку како во минатите години. Не веруваме дека Тетово повторно ќе се качи на првото место на Европа, но сепак загадување ќе има“, вели Џафери.
Тој исто така порачува граѓаните да не се задоволуваат со препораки, туку со мерки, посочувајќи го примерот во Милано пред неколку години, кога аерозагадувањето достигна 80 микрограми на метар кубен, а властите три дена го запреа сообраќајот.
„Не може Скопје со бесплатен јавен превоз и со сите коли на улица да го решава овој проблем. Затоа верувам дека тие стари стратегии нема да донесат нови решенија“, вели Џафери.
За штетните ефекти на аерозагадувањето врз здравјето постојат бројни докази. Здравствените работници посочуваат дека безмалку, нема орган или систем којшто не страда од аерозагадување. Се смета оти 30 до 40 отсто од канцерот на белите дробови доаѓа од аерозагадувањето.