Над десет милијарди денари, или околу 171 милиони евра, од граѓаните и компаниите наплатила државата од даноци за животна средина во 2015 година, а следната 2016 за нејзина заштита потрошила само десет милиони денари, односно околу 160 илјади евра, се вели во податоците на ДЗС.
Во услови кога во Македонија годишно умираат илјадници луѓе како резултат на високо ниво на аерозагадување, а почвите и водите во одредени делови во земјата се екстремно загадени со тешки метали од индустријата, еколошките организации бараат да биде формиран фонд за животна средина, со цел давачките од еколошките такси да бидат реинвестирани.
На ваквиот предлог, од Министерството за животна средина и просторно планирање кратко одговараат дека иако неколку пати имаат дадено иницијатива за формирање на фонд за животна средина во кој би се слевале сите давачки од даноците поврзани со животна средина, засега добиваат само дел од приходите.
„Во моментот Министерството ги добива само средствата од регистрација на возилата, средства кои се мали и преку јавен оглас се распределуваат на локалните самоуправи, невладините организации и научни институции за проекти од областа на заштита на животната средина“, велат од Министерството.
Ваквиот третман е целосно спротивен на начелото загадувачот и корисникот плаќа, кое предвидува и бара парите од даноци за животна средина да се инвестираат во превенција и водење грижа за животната средина, вели Александра Бујароска од граѓанската организација „Фронт 21/42.“
„Овој податок е спомнат и во извештајот на Европската комисија. Секоја година се констатира дека инвестициите за животна средина се помали и помали, што е спротивно на она што нам ни треба како држава и спротивно на начелата загадувачот плаќа и корисникот плаќа“, вели Бујароска.
Таа додава дека за инвестициите во секторот за животна средина, ставот на властите во изминативе неколку години бил дека немаат пари за инвестиции, но според неа проблемот е што парите од даноците не се реинвестираат, односно не стигнуваат во Министерството за животна средина и просторно планирање.
Таа вели дека формирање на фонд за животна средина ќе биде основна рамка за реинвестирање на парите од еколошки давачки.
„Тие пари влегуваат во Буџетот, а потоа се прераспоредуваат согласно приоритетите на државата, а за жал кај нас животна средина се уште не е приоритет“, вели Бујароска.
Државата во 2015 година, според податоците на ДЗС, од даноци за животна средина собрала за 16,4 отсто повеќе во однос на претходната 2014 година, најмногу за енергенси, потоа од даноци за транспорт, загадување и искористување на природни ресурси. Од друга страна, во 2016 година најмногу од вложените пари се потрошени за постапување со отпад и управување со отпадни води.
Државниот завод за статистика прв пат во минатиот месец објави резултати пресметани од даноците поврзани со животната средина во Македонија.
Прашањето со загадувањето стана едно од клучните за граѓаните во земјава, а во градовите кои се меѓу најзагадените во Европа имаше протести за загадениот воздух. За претстојните локални избори на 15 октомври, како на ниту едни досега, борбата против загаденоста кај кандидатите во некои општини е претставена како приоритет.