Достапни линкови

Пелагонија за две години може да добие регионална депонија


Една од дивите депонии во Битола.
Една од дивите депонии во Битола.

Веќе 16 години се договара отворање на регионална депонија каде би се собирал сметот од сите девет пелагониски општини. Ако се обезбедат пари, најдоцна за две години може да се отвори депонијата со централна постројка во Новаци.

Изработката на документацијата е во завршна фаза и доколку за скоро се обезбедат 30 милиони евра, најдоцна за две години пелагонискиот регион ќе добие регионална депонија. Во неа ќе се депонира сметот од девет општини во југозападниот регион во земјава кои години наназад ѓубрето го одлагаа во несанирни депонии што ја загадуваат животната средина.

„Централната постројка ќе се наоѓа токму во општина Новаци, а трансфер станиците ќе се изградат во Крушево и Ресен. Засега во општина Битола не постои стандардна депонија. Постоечките се нестандардни и навистина ја загрозуваат животната средина. Во новата постројка ќе има дел каде ќе се депонира многу мал дел од отпадот, но предвидено е да има секундарна селекција, посебно компостирање на зелениот отпад, анаеробна дигестија, односно искористување на гасот кој ќе се создава, а кој понатаму ќе може да се користи или од општината или од други правни субјекти“, рече Ана Каранфилова-Мазневска, раководител на Секторот за управување со отпад во Министерството за животна средина.

До сега беа обезбедени само средства преку ИПА програмата за изработка на документацијата. Доколку се обезбедат средства за една година може да почне изградбата на постројката. Општина Битола досега сметот го депонираше во депонијата Мегленци во соседната општина Новаци. Дневно таму се депонираат по 80 тони комунален отпад или на годишно ниво до 25.000 тони. Во новата депонија ќе се собираат годишно до 160.000 тони смет.

„Во пелагонискиот регион одлучено е локацијата за регионалната депонија да биде во Новаци, во делот кај РЕК, целокупниот смет ќе се носи таму и ќе се преработува. Постоечката депонија ќе се посипе и затвори“, вели градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски.

Од конзорциумот кој е вклучен во изработката на документацијата, велат дека ситуацијата е загрижувачка зашто само во пелагонискиот регион има над 100 нерегулирани депонии.

„Во пелагонискиот регион има околу 100 нерегулирани депонии, што значи дека сега влијанието е многу големо. Но, новиот систем се предвидува да ги спречи тие големи и штетни влијанија, зашто тука станува збор за систем за депонија кој е во согласност со барањето на ЕУ“, вели Христос Цомпанидис, член на конзоциумот.

Веќе 16 години се договара отворање на регионална депонија каде би се собирал сметот од сите девет пелагониски општини и би се третирал според европски стандарди. Несанитарните депонии предизвикуваа загадување и непријатна миризби во околните население места, а често пати и се самозапалува.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG